Skip to main content

(ИНТЕРВЈУ) Илија Каров: Од дивина до признавање – приказната за македонскиот караман

01.03.2026
Петс.мк
(ИНТЕРВЈУ) Илија Каров: Од дивина до признавање – приказната за македонскиот караман
Фото: Приватна архива

Македонското овчарско куче караман Светската федерација на кинолошки сојузи го призна како раса, а веста буквално одекна во Македонија и во регионот. Ако Македонија досега, во кинолошкиот свет, беше препознаена по шарпланинецот сега тука е и караманот, како автохтона раса за која од ден во ден има се поголем интерес и за која веќе има листа на чекање.

За процесот која траеше речиси триесет години, од првите две кучиња донесени од дивината во боксови, до потврдата за условно признавање, за макотрпната работа и процес, за жртвите и предизвиците Петс.мк зборува со Илија Ико Каров, претседател на кинолошкиот клуб  „Македонско овчарско куче Караман“.

Вели дека откако тој е на чело на кинолошкиот клуб, како врвен приоритет го поставил признавањето на расата и затоа ги интензивирал контактите и соработката со Светската кинолошка федерација (ФЦИ). Истовремено на терен се работело по строги протоколи за да се презеврира расата, но и гените и инстинктите кои се клучни за сите одгледувачи и сопственици на караманот.

„Тешкиот чекор кон признавањето на расата е да бидете условно признаени. Зошто постои условното признавање? Светската кинолошка федерација остава период да види дали расата ќе опстои. Има многу држави кои ова го работат на ниво на проекти, ќе го сработат, па потоа бараат сопственици на новонастанатата раса. Раса не е само да ги имаш кучињата. Тоа е обратно од нашиот процес“, објаснува Ико Каров.

А приказната почнува во далечната 1998 година кога браќата Влатко и Марјан Костовски ги симнуваат првите чистокрвни примероци од македонските планини.

Фото: Влатко Костовски ФБ приватна архива

Тогаш една мала група на ентузијасти почнува контролирано да го размножува караманот. Токму Влатко Костовски е на чело на кинолошкиот клуб се до 2017 година кога на негово место доаѓа Каров кој повеќе од една дека е одгледувач во рамките на МОК Караман.

Кога светот на кинолозите дозна за караманот?

„Прв пат, некое прво меѓународно претставување пред претседател и генерален секретар на ФЦИ кои се на ЦАЦИБ изложби е сигурно пред една декада, мислам 2014 година. Во 2018 година, јас го правам првото меѓународно претставување но регионално. Тоа е на ЦАЦИБ изложбата во Белград. Станува збор за една од најголемите регионални изложби, се одржува на белградскиот саем со над 10 илјади кучиња, се случува во пет хали. Тогаш прв пат изнесовме мажјак и женка. Првото големо претставување во рамки на светки ранг, на повисоко кинолошко ниво, е во 2020 година на „Еуро дог шоу “во Будимпешта и во Цеље во 2024 година“, раскажува Каров.

На манифестациите се присутни со „патувачки музеј“ со историски фотографии од карамани, некои стари и по еден век.

Фото: Влатко Костовски ФБ приватна архива

„Ни беше важно да претставиме дека ние не измислуваме ништо. Сведоштвото за македонското овчарско куче караман е непобитен факт само требаше да се легализира“, дециден е Каров.

Која е разликата со шарпланинецот?

Караманот и шарпланинецот, иако на прв поглед слични, се кучиња кои имаат многу разлики и во генетиката и во конституцијата.

„Кај караманот не е ништо коригирано во естетска смисла, по мостра на одгледувачите или софистицираните кинолози. Завиениот опаш, посветлите очи, пократката и поостра длака, петтиот прст, лажичкаста шепа… Сè се тоа референци кои дефинитивно го делат (од шарпланинецот н.з.), на прв поглед, особено за оние кои се поголеми познавачи“, вели Каров.

Покрај поддршката од Кинолошкиот сојуз на Македонија огромна помош добиваат и од научната фела. Во папката што ќе ја предадат на Светската федерација на кинолошки сојузи е истражувањето на магистер Димитар Божиновски, асистент на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.

„Божиновски, за предметот анатомија правеше детално истражување со компјутерска томографија, по пат на 3Д модели, детално скенираше примероци од двете раси (караманот и шарпланиецот н.з.). Тој направи генетски анализи на 30 единки од двете раси.Неговата докторска дисертација е „разлика меѓу караманот и шарпланинецот“. А заклучокот е дека апсолутно станува збор за две различни раси. Коментарот од ФЦИ беше дека ова е едно ниво над она што е во пракса да ги добиваат апликациите“, раскаѓува Каров.

Кои се карактеристиките на караманот?

Станува збор за раса која дефинитивно е многу заштитнички насторена кон сѐ што го чувствува како послабо, како дете или јагне. Територијален е, ги има инстинктите на овчарско куче и гените на неговите претци. Идеално е да се чува во двор, прекрасен е со деца и како миленик дома може да се чува и во стан но подразбира поголема посветеност од сопствениците околу физичката активност. Со караманот дефинитивно ќе треба да внимавате на другите мажјаци во околина, особено ако има кучка во терање или ако станува збор за помлада и територијална единка.

Фото: Илија Каров приватна архива

„Трендот на миграција е село – град. Поради изумирањето на селата, иднината на расата несомнено е асфалтот. Ние мора да зборуваме за ситуацијата на нашата држава како матична земја на караманот. Заради тоа ги охрабруваме сите кои се мислат да земат куче од голема раса да земат караман секој кој пробал да чува караман, едноставно не се откажал од расата“, нагласи Ико Каров.

Секој може да чува, но размножувањето е строго контролирано

За да може да стигнат до чисти примероци со кои ќе се борат за да бидат признаени како раса, Каров и ентузијастите наметнуваат строги правила до кои сите мора да се држат. Одгледувањето, односно размножувањето, е по строги критериуми, со согласност и одобрение на раководството на кинолошкиот клуб.

„Тоа е начинот за презервација и начинот на кој ќе се задржат сите природни референци. За да стигнеме до тука каде што стигнавме се бараше строгост“, заклучува Каров.

Ниту еден примерок на караман не може да влезе во одгледувачката програма доколку не е 100 проценти чистокрвен и здрав.

„Кога ќе кажам дека ова куче не е за размножување, тоа не значи дека тоа куче не заслужува љубов или дом. Не постои куче на планетава Земја, без разлика дали е расно или не, што не заслужува љубов или дом. Сакај го, чувај го, биди доследен на она што си го прифатил. Ако сакаш да станеш одгледувач ќе си создадеш услови, ќе земеш уште две кучиња, а тоа куче ќе го стерилизираш, или ако веќе не сакаш да го стерилизираш ,ќе го држиш под страна за да не се спари“, објаснува Каров.

Улогата на одгледувачницата во Бигорскиот манастир

Од 2017 година во презервацијата и одгледувањето на караманот се вклучува Бигорскиот манастир со благослов на Епископот Партениј. Отецот Порфириј ќе го помине целиот регион каде што ќе ги заведе  и анализира сите единки кои ги наоѓа, а дел ги симнува во Бигорскиот манастир.

„Бигорската одгледувачница тврдам дека е една од фундаменталните во преродбата. Тоа место како што се грижело за преродбата и зачувувањето на многу работи и нешта кои се поврзани за нашиот етникум, на ист начин и со иста грижа одговорија и со караманот односно во рамките на потребите на караманот. Бигорската одгледувачница во еден момент броеше над 20 единки. Тие кучиња се во работна релација, го чуваат манастирот и стоката“, објаснува Ико Каров.

Фото: ФБ група Караман

Дали караманот беше во опасност од исчезнување?

„Да. Како да не, беше во опасност. Среќа имаше доволен генофон од кој можеше да се регрутира“, вели Каров.

Каров вели дека бројката сега е стабилна и е над 2500  единки, бројка која не е конечна, бидејќи има единки во руралните средини кои се користат како овчарски кучиња.

Сподели ја оваа приказна:

Слични приказни

Сподели ја твојата приказна

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати приказна