Skip to main content

Малата „вработена“ што не ја оставија зад себе: Бетмен продолжува со смена и во новиот маркет на ДМ

02.04.2026
Мери Јордановска
Малата „вработена“ што не ја оставија зад себе: Бетмен продолжува со смена и во новиот маркет на ДМ

Мислам дека не постои некој што бил во дрогеријата ДМ во Расадник, Кисела Вода, во последниве години, а да не го забележи ситното црно-бело маченце кое често ве пречекуваше пред вратата, а веднаш откако ќе се отвореше, ќе ви се протнеше меѓу нозе и ќе влезеше внатре. Не меѓу рафтовите, туку срамежливо ќе си застанеше на страна, кај касите, а веќе кога ќе одевте да платите, ќе го видевте како потонало во длабок сон. Таму се чувствуваше сигурно, безбедно.

На почетокот вработените му ја отвораа вратата терајќи го да излезе, но мачките се познати по инаетот – па така, и ова маче полека полека, си го најде својот дом во маркетот ДМ. Вработените го викаа Бетмен, иако е женско, а муштериите за неа имаа секакви имиња. Беше стерилизирана, вакцинирана и очигледно – многу сакана.

Пред неколку дена отидов да пазарам во ДМ. Вратата, затворена, маркетот празен. Пишуваше дека е преместен на нова локација, во K-Retail. Пред маркетот имаше остатоци од мачешка храна, но од Бетмен ни трага ни глас. Веднаш се упатив на новата локација, а внатре гужва, музика, балони, попусти. Не успеав да прашам за Бетмен, ниту пак ја видов.

Поминаа денови, гужвите се расчистија, отидов повторно. Само што влегов, кога се свртев, ја здогледав малата четириножна „вработена“ во маркетот. Легната на креветче, потоната во длабок сон. Истиот маркет, истите вработени, само различна локација.

„Бетмен?“, прашувам.

„Да, нормално дека си ја зедовме со нас!“, ни изјавија вработените.

Тамара, една од вработените која најмногу се грижи за Бетмен, ни раскажа дека иако ДМ дрогериите не се официјално пет-френдли, сепак, ова маченце успеало да им се протне под кожа, особено поради нејзиниот карактер.

„Првиот ден, на отворањето на новиот маркет, беше уплашена, мјаукаше, имаше многу луѓе и беше вознемирена. Дојде една госпоѓа која ја хранела на старата локација и рече дека сепак би било подобро доколку ја врати назад, бидејќи мачките се врзуваат за територија. Ја зеде и ја врати кај стариот, затворен маркет. Но, ден-два подоцна, луѓето ни кажаа дека таму стоела пред вратата и нѐ чекала, била вознемирена, почнала да талка, да ја преминува главната улица. Веднаш отидовме и си ја вративме назад. Сега веќе се навикна, исто како да си е тука родена“, ни рече Тамара.

Навечер мора да спие надвор, каде што има креветче, бидејќи ги активира алармите во маркетот. Но, изутрина, таа е прва на врата – чека да се отвори маркетот и удобно да си се смести во креветчето.

Откако го слушнав сето ова, со насмевка застанав на касата. Пред мене чекаше една девојка, која ги пакуваше работите што ги купила. Имаше и конзерва за мачки.

„Конзервата е за мачето. Ова е истото маче од старата локација, така?“, праша.

„Се разбира дека е истото“, ѝ одговори вработената.

Двете излеговме со насмевка.

Сепак, Скопје плете убави приказни, со убави луѓе и одговорни компании, меѓу кои се крие и еден Бетмен, кој со својата упорност и инает, успева да си го најде својот дом, кој очигледно не е во територијата, туку онаму каде што се чувствува сакан.

Сподели ја оваа приказна:

Сподели ја твојата приказна

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати приказна