Skip to main content

Четврти април е Светски ден на бездомните животни, а ние сме нивниот глас

04.04.2026
Огнен Чанчаревиќ
Четврти април е Светски ден на бездомните животни, а ние сме нивниот глас
Фото: Приватна архива

Спаѓам во категоријата „кучкари“, но за Денот на уличните животни ќе пишувам за Тајсон. „Господинот“ од 8 килограми со кого, без исклучок, ми почнува денот. Мачорот кој имаше среќа, за разлика од повеќето. Мачорот поради кој висев од покривот на седумкатната зграда, мачорот поради кој не спиев со денови. Мачорот кој ми се пикна под кожа и сакам таму да остане засекогаш, бидејќи не знам што би правел без него.

Фото: Приватна архива

Некаде во јули 2020 година, неговата мајка, за да го заштити леглото, го остави на паркинг, откажувајќи се од него. Немаше повеќе од еден месец и 300 грама тежина. Имаше сериозна инфекција на двете очи и кога рекоа дека едното око мора да му биде извадено, знаевме дека ќе остане кај нас. Другото око го спасивме, но гледа само сенки, барем така ни кажаа. Сите животни преплашени кај ветеринар – тој безгрижен. Голем борец се покажа и така го доби името „Тајсон“ – по мојот омилен боксер.

Тајсон е многу чуден мачор. Кога доаѓаат гости, тој е прв на врата да ги „види“ иако е ќор. Сака да излезе во ходникот пред влезната врата да ги провери комшиите. Гурман голем – сака сирење и риба, не е по пилешкото и свинското. Први другари се со кучето Љиљана, сака да игра со 16-годишниот мачор Феликс и да ни ја нервира бабата – мачката Миси.

Буквално плачевме од смеење додека ги учеше (читај: се маваше) од сите ѕидови, маси, столчиња и бела техника во станот. Ги научи. Потоа тргна да „истражува“ – часови и денови минуваше во саксиите на тераса набљудувајќи ги птиците, со она малку вид што му е останато.

Фото: Приватна архива

Еднаш начека отворен прозорец и излета на покривот од зградата. Тоа беше првиот пат кога слепиот господин ми го скрати животот. Среде ковид пандемија, со сопругата ѕвоневме по врати во соседниот влез во 5 часот наутро. Среќа едни се смилуваа и ни ја отворија терасата – го видовме како се движи по олукот, а јас тој ден ќе го памтам како ден кога „висев од покривот на зградата со скинат менискус“ за да го спасам Тајсон кој мислеше дека си прави утринска прошетка.

Зошто ви напишав дека денот ми почнува со него? Во моментот кога ќе се разбудам, тој веднаш дотрчува кај мене на утринската „доза“ галење а потоа земјината топка може да продолжи да се врти. Истото е и кога е „фајронт“. Прво со него, потоа сон.

 

Фото: Приватна архива

Минатата зима Тајсон излезе на редовна „визита“ во ходникот од зградата, а јас ја заклучив вратата без да забележам дека е надвор. Три дена не спиев, три дена го барав. За тоа што го чувствував тие денови нема да пишувам – можете да претпоставите. Во 3 часот наутро, со мојата пријателка и колешка Тамара го најдовме, на 50 метри од зградата, исцрнет од криењето под хауби на паркираните автомобили. Сега 5 пати се враќам да проверам дали е тука пред да излезам, како да проверувам да не сум ја заборавил пеглата.

Денеска, 4 април е Светски денот на бездомните животни. Повеќето ги гледаат како бројка или како проблем. Јас не. Ги гледам како животи кои трпеливо чекаат шанса, чекаат дом, чекаат малку љубов и грижа која ќе ја вратат многукратно.

Фото: Приватна архива

Знам дека сите не може да размислуваме исто, но затоа ќе се дрзнам и ќе ве замолам сите – ако не помагате, ако не ги сакате, барем немојте да одмагате и немојте да ги малтретирате!