Skip to main content

Отровот ланате – забранет за употреба, а распостранет по улиците

15.05.2026
Мери Јордановска
Отровот ланате – забранет за употреба, а распостранет по улиците
Колаж, Pets.mk

Неконтролирано грчење на мускулите, прекумерно лачење плунка, повраќање, дијареја, тремор, отежнато дишење, конвулзии, срцев колапс и смрт од респираторен застој се само дел од последиците од пестицидот ланате (метомил), што несовесни македонски граѓани го расфрлаат по улиците со цел да ги отрујат кучињата, како што се случи вчера во населбата Расадник, Кисела Вода, кога угинаа две домашни миленичиња, две улични кучиња, неколку мачки, а само едно домашно милениче преживеа. 

Што всушност претставува оваа токсична материја без мирис, вкус и боја, што сериозно може да го загрози животот и на луѓето и на животните, но и да влијае на животната средина во целост?

Што е ланате?

„Ланате“ е комерцијално име за супстанцата метомил, високо токсичен карбаматен инсектицид. Одамна се користел во земјоделството за инсекти, но поради огромната токсичност и честите злоупотреби е забранет или строго ограничен во многу држави.

Овој пестицид е забранет за употреба и продажба и во Македонија повеќе од една деценија. Нема официјален увоз, не смее да се продава во земјоделски аптеки и е тргнат од листата на дозволени активни супстанци.

Европската Унија официјално не ја обнови дозволата за метомил уште во 2010 година.
Практично, тоа значи забрана во сите држави на ЕУ, меѓу кои Германија, Франција, Италија, Шпанија, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Австрија, Белгија, Холандија, Шведска и многу други. ЕУ со години ги заострува ограничувањата за карбаматни пестициди поради нивната акутна токсичност, ризикот за птици, мачки, кучиња и пчели и злоупотребата за труење животни.

Сепак, иако е забранет во голем број европски држави, метомилот продолжува да убива животни бидејќи старите резерви сè уште постојат, се шверцува, нелегално се продава „под рака“ и лесно се злоупотребува за масовни труења.

Токму затоа, во многу европски држави труење со ланате веќе се третира не само како злоупотреба на пестицид, туку и како еколошки криминал, кривично дело и опасност по јавното здравје.

Убива за само неколку минути

Уште пред речиси десетина години, за порталот Призма, експертите се изјаснија дека само еден грам од овој нервен отров може да убие човек од 70 килограми.

Кога ќе се затрујат кучиња и мачки, најчесто симптомите се: нагло паѓање или губење сила, пена од уста, грчеви, неконтролирано мокрење/дефекација, силно гушење и брза смрт.

Според македонски токсиколошки податоци, дури и многу мала количина може да биде смртоносна за топлокрвни животни. Тој е опасен и при голтање, вдишување и контакт преку кожа и може да убие животно за само неколку минути.

Во Македонија имаше и случаи на труење на луѓе со метомил.

Она што е особено загрижувачко е што метомилот може да остане активен со години ако е чуван во добри услови.

Што да направите доколку го забележите отровот?

Ако забележите или се сомневате дека сте лоцирале ланате на јавна површина и на храна, ова се следните препораки кои треба да се почитуваат:

Не допирајте со голи раце;
Не дозволувајте да се приближат деца и животни;
Користете ракавици и маска;
Храната зачувајте ја како доказ.

Веднаш јавете се во МВР и во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Доколку вашиот миленик дојде во допир со токсичната материја, секоја минута е важна. Потребно е итно да го однесете вашиот миленик на ветеринар, а доколку сте сигурни дека станува збор за труење, често се дава атропин и интензивна терапија.

Труењето со метомил е кривично дело, претставува опасност по јавното здравје, еколошки ризик и опасност за децата и граѓаните.

Неодговорниот граѓанин кој расфрла метомил не контролира кој ќе дојде во контакт со него. Оттаму, може да настрадаат деца, миленици, улични животни, птици, па дури и луѓе доколку дојдат во контакт со контаминираната храна.

Тука, исклучително е важна и одговорноста на граѓаните – доколку имаат било каков сомнеж дека одредено лице го користи овој инсектицид, веднаш да пријави, за да ги заштити луѓето, животните и животната средина, а со тоа и да спаси многу животи. 

Слични вести

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест