Skip to main content

Волкот што падна од Марс во Козле

22.05.2026
Петс.мк
Волкот што падна од Марс во Козле
Фото: Принскрин

Десет дена откако волк беше заловен во скопската населба Козле, МВР нема никакви информации од каде дошол тој на улицата Јуриј Гагарин и кој го чувал дивото животно, дали е приведен и дали против него е поднесена кривична пријава, бидејќи крши два закона.

Фото: Skopje ZOO / Зоолошка градина Скопје

ПЕТС.мк побара официјална информација од МВР што презела скопската полиција во врска со овој случај и ги достави следните прашања:

1. Кое одделение или сектор ја води истрагата за да се утврди кој го чувал волкот, со оглед на фактот дека со закон е забрането чување на диви животни?

2. Дали е откриен сторителот, има ли осомничени, од која локација дошол волкот?

3. Дали МВР има прецизна информација за рутата по која се движел и која е таа?

Од МВР не дадоа конкретен одговор на ниту едно од поставените прашања и повторија што се случи на 13 мај кога волкот беше заловен.

„Ве известуваме дека по добиената пријава од страна на полициски службеници е излезено на местото на настанот и во координација со надлежни служби од Град Скопје и стручни лица од ЗОО Скопје, животното на безбеден начин е преземено од нивна страна. СВР Скопје презема соодветни мерки и активности за целосно расчистување на овој настан“, стои во официјалниот одговор на МВР.

Фото: Skopje ZOO / Зоолошка градина Скопје

Останува непознато дали некој во скопската полиција ги прегледал камерите поставени на сообраќајниците, системот „сејф сити“ и дали се побарани снимки од видео надзор на објектите во близина.

Волкот е диво животно и негово чување е забрането со Законот за заштита на природата во член 32 и со Кривичниот законик.

Фото: Принскрин

Неухранет, млад, недоволно развиен и врзан на ланец речиси цело време. Ова се резултатите од првичната анализа на експертите од скопската Зоолошка градина и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Според експертите волкот нема развиени природни инстинкти за да може да биде пуштен во дивина.

Слични вести

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест