Skip to main content

Со миленик на одмор? Ова се работите што треба дa ги знаете

27.05.2026
Петс.мк
Со миленик на одмор? Ова се работите што треба дa ги знаете
Фото: Unsplash

Многумина не сакаат да се одделат од своето милениче кога одат на одмор во странство бидејќи одморот секогаш е поубав кога тие се покрај вас. Но, битно е да знаете дека кога патувате во странство, без разлика дали одите на одмор, посета или службен пат, милениците се третираат речиси исто како и луѓето, па затоа потребен е пасош, документација за примени вакцини, за прочистување и за здравствена состојба. Многумина ќе кажат – на некои граници и во некои временски периоди контролата на граничните служби не е ригорозна, што е донекаде точно, но Петс.мк ви препорачува да ја следите процедурата за да избегнете евентуални проблеми.

Што треба да имате кај се кога со вашиот миленик ќе се појавите на граничен премин, без разлика дали станува збор за држава членка на ЕУ или не?

Пасошот се подразбира и тој ќе го добиете кај вашиот ветеринар кој го следи миленикот.

Микрочип 

Бројот на микрочипот мора да биде внесен во пасошот. Микрочипот треба да биде имплантиран пред да се даде првата вакцина против беснило.

Потврда/печат за примена вакцина против беснило

Во пасошот мора да стојат: датум на вакцинација, брендот или името на вакцината, сериски број, датум на истекување на валидноста на вакцината и печат со потпис од ветеринарот. Датумот за примената вакцина во пасошот да не е помалку од 21 ден пред тргнување на пат! Ова е клучно при гранични контроли

Фото: Pixabay

За влез во ЕУ односно соседните Грција и Бугарија потребно е да имате EU animal health certificate или ЕУ формулар за здравствената состојба на миленикот кој ќе ви го издаде вашиот ветеринар но клучно е тој да биде издаден НЕ ПОВЕЌЕ од 10 дена пред тргање на пат односно влезот во странската држава

Потписи и печати

Фото: Unsplash

Сите важни информации како вакцина, третман и здравствен сертификат мора да бидат јасно потпишани и заверени со печат од вашиот овластен ветеринар, бидејќи за граничните службеници при проверката печатите се како доказ.

Потврда за третман од црви – внатрешни паразити (echinococcus)

Фото: Pixabay

Некои држави бараат потврда за третман за прочистување на вашиот миленик од внатрешни паразити. Тоа се решава многу лесно, со таблета за прочистување која ќе ви ја даде вашиот ветеринар и ќе го заведе датумот на прочистување! Сепак доколку сте во можност проверете конкретно дали во државата во која патувате ова е неопходно.

Што ако летате?

Многу е важно да проверите дали авиокомпанијата со која ќе летате дозволува миленици бидејќи тие ги одредуваат правилата на транспорт а не аеродромот. На пример Wizz air не дозволува никаков миленик во леталото освен service/guide dog.

Затоа, пред купување карта, задолжително треба да се провери – дали авиокомпанијата воопшто дозволува миленици, колкава тежина смее да има миленикот, дали може во кабина или оди во карго, каков транспортер е неопходен.

Фото: Pixabay

Пасошот на миленикот со сите податоци за примени вакцини и микрочип е задолжителен.

Доколку летате од Скопје, во терминалната зграда е дозволено да бидете со миленикот но мора да биде врзан а за некои раси задолжителна е и маска. Бидете на аеродром најмалку два часа пред летото бидејќи миленикот мора да биде регистриран на check-in шалтер.

ПЕТС.МК ве советува за да нема никакви проблеми и да се избегнат непријатности да го контактирате вашиот ветеринар најрано еден до два месеци пред патувањето во странство за да имате доволно време да ставите микрочип (ако нема), вакцина против беснило и евентуално лабораториски тестови доколку тоа се бара од државата која е ваша крајна дестинација.

Фото: Pixabay

П. С: Секогаш имајте копии во слики или ПДФ формат од пасошот и документите во вашиот мобилен телефон. Што е сигурно, сигурно е!

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест