Јанез – огледало на двете страни oд човекот
Скелет со валкано крзно кој непрестајно влегува и излегува од калливата и полна со измет куќа во кафезот. Тој кафез од два квадрати и куќичката полна со измет е неговиот свет, тоа е сѐ што знае за себе и за луѓето. Болка, страв и трауми. Слеп од тортура.

Така инспекторите на АХВ го затекнаа овој белгиски овчар во дворот на едно семејство во Скопје. Го одзедоа и го предадоа во ЈП Лајка чии волонтери им асистираа на терен.
Две години белгиската малиноја била жртва на човечката суровост и бездушност. Соседи и граѓани ја алармираа Лајка и здруженијата дека ова куче нема да издржи уште многу. Активистите веднаш побараа од АХВ да постапи и тоа се случи.
Оваа исцрпена малиноја доби ново име – ЈАНЕЗ. Металниот кафез, фекалиите и ќотекот сега се минато за ова куче.
„Последиците се ужасни: Јанез го има изгубено видот, мускулатурата му е значително атрофирана поради долгогодишно затворање и неадекватна исхрана, има кожни проблеми и општа телесна слабост. И покрај сето ова, Јанез останал нежна, тивка и кротка душа. Дозволува да се ракува со него, бара близина и ја прифаќа нежноста од човечка рака – нешто што за првпат во животот го доживува наместо суровост и страв“, стои во објавата на Фејсбук на ЈП Лајка веднаш по прифаќањето на Јанез.

Активистката Гизела Бошковска го следи случајот со Јанез од првиот ден. Токму таа ја доставува пријавата до АХВ. Вели дека во осумте години минати како активист и борец за заштита и правата на животните видела и полоши случаи на мачење и малтретирање од Јанез.
„Кучиња како Јанез има кај вашиот сосед, вашиот колега. Во секое маало, во многу дворови се чуваат т.н. миленици на кои не им се исполнети основните услови за живот а да не зборуваме за благосостојба, здравствена заштита, одговорност е научна фантастика. Многу е важно да пријавите бидејќи кучињата како Јанез немаат никој освен вас. И не се секирајте дали ќе се замерите со соседот, колегата – од тие личности што на ваков начин измачуваат животни треба да стоите подалеку“, е пораката која Бошковска ја испрати преку социјалната мрежа „Инстаграм“.
За Јанез сега се грижи цел тим во Лајка со комплетна терапија и вежби. Јанез е сакан и милуван како што заслужува секој миленик. Љубовта го смени ова куче. И психички и физички. Јанез сега не трепери кога ќе го допре човечка рака, напротив, Јанез сега ужива во човечкиот допир и галење. Долгите прошетки се терапијата за Јанез кој полека си го наоѓа мирот.
Меѓутоа прифатилиште не е местото каде што тој целосно ќе се рехабилитира. Затоа е потребно на Јанез да му се најде дом. Од Лајка апелираат до сите граѓани кои имаат можности да го згрижат Јанез и да му го пружат тоа што недостасува, топол дом и многу љубов.
„Јанез од ден на ден прави големи чекори напред. Ужива во прошетките, љубопитно ги набљудува луѓето и реагира позитивно на секое внимание што ќе го добие. Најмногу сака кога некој ќе му пријде и ќе го погали – тогаш го гледаме најсреќниот Јанез. Тој преживеал многу. И му треба мир, стабилност и љубов каква што може да му ја даде само дом и семејство. Семејство кое ќе има трпение, кое ќе му покаже дека животот е убав, и кое ќе му помогне конечно да ги победи сите трауми. Посебно би му одговарало семејство кое нема друго куче, а кое би сакало да му се посвети целосно во неговата рехабилитација“, пишуваат од Лајка.
Монструозноста низ кој мина Јанез е несфатлива за повеќето од нас. Борбата за Јанез продолжува и Петс.мк ќе го следи неговиот пат сѐ до топлиот дом за кој знаеме дека сигурно ќе го најде. Оти го заслужува.