„Ни умираа на раце“: потресно сведоштво на сопствениците чии миленици угинаа од отров во Расадник
По масовното труење на мачки и кучиња во Расадник, Кисела Вода, кога угинаа и две домашни миленичиња – Дина и Нана, овој дел од населбата повеќе не е ист. За некои од граѓаните, ова беше вест што згрозува, за дел вест што се заборава, а за некои – сосема неважна информација. Но, за две семејства, животот целосно се смени.
Ова е писмо од сопружниците Лила и Душко Лазоровски, чија Дина загина пред влезот од зградата, каде што беше расфрлана саламата со отровот ланате – најтоксичниот пестицид забранет за употреба. Ова писмо е доказ каква штета се прави на недолжните граѓани и на нивните сакани миленици, со несовесни постапки на поединци кои веројатно никогаш нема да бидат санкционирани.
Во прилог е писмото:
Ова е зграда на ул. Христо Татарчев бр. 47К во населба Расадник, општина Кисела Вода во Скопје. Живееме во зградата од почеток, уште од самото завршување на изградбата на истата. Откако сме вселени, од 1 септември 2009 година, до денес, се менуваа жителите, некои останаа да живеат тука, а голем дел од нив се преселија на други локации, а на нивно место дојдоа други.

Во моментов во зградата живеат 97 семејства, околу 250 луѓе – најмладиот жител има неколку месеци, највозрасниот 85 години.
Зградата се издвојува од сите останати во населбата поради тоа што на приземје има голема тераса од 250 квадратни метри. Прекрасно е уредена, со засадени дрвца и цвеќе, грижливо одржувана и секогаш чиста. Терасата е во сопственост на сите жители на зградата, и секој од нив може да ја користи, седејќи и муабетејќи на некоја од 15-те клупи. Токму тука најмладите ги прават првите чекори, повозрасните деца се забавуваат возејќи велосипеди, цртајќи со креди на бетонот. И возрасните и децата се забавуваат и се дружат, без да се грижат дека може да се случи нешто, бидејќи терасата е оградена и обезбедена.

Секогаш кога временските услови го дозволуваат тоа, терасата е преполна со деца, нивни родители, баби и дедовци, домашни миленици. Секој е добредојден, па дури и жителите на соседните згради. Зошто? Одговорот е едноставен – тука луѓето се чувствуваат безбедни.
Меѓутоа, да ги прашаме истите тие луѓе дали сега се чувствуваат безбедни. Дали се чуствуваат безбедни после 14 мај 2026 година, кога некој се осмели да стави парче салама со отров на самата тераса, и тоа на два метри од влезот во зградата , но и на уште едно место – на десетина метри оддалеченост од терасата, на тротоарот.
И секако, целта на злосторникот кој го направил ова била да убие животни, поконкретно кучиња и мачки. Но, дали тој злосторник размислил дека цел можат да станат и дечиња, па и возрасни луѓе?

За жал, злосторникот успеа во својата намера – настрадаа пет кучиња и две мачиња, од кои преживеа само едно кутре. Две од кучињата кои загинаа беа улични, но две беа домашни миленици, многу години чувани и сакани во домашни услови, во станови во истата онаа зграда спомената на почетокот на овој текст. Тие имаа имиња – Дина и Нана. Беа кротки, мили, чисти души, кои не наштетиле никому. Напротив, тие ги сакаа сите и беа сакани од сите.

И да, некој ќе каже и ќе помисли дека биле само кучиња. Голема грешка на луѓето кои претпоставувам дека никогаш во животот немале домашни миленици. Тие не беа само кучиња, туку членови на семејствата во кои живееја. Сакани, шетани, хранети со најдобра храна, негувани, редовно вакцинирани, чипирани.

Има ли во оваа држава некој кој ќе работи на подигање на свеста на луѓето дека кучињата и мачињата се интелигентни суштества, дека и тие треба да постојат и живеат во близина, или со луѓето и дека никој нема право да ги одземе нивните животи. На 14 мај некој се осмели и го стори тоа. Ниедна од жртвите кои настрадаа тој ден немаше да живее вечно. Некоја од нив ќе се разболеше и ќе починеше порано или подоцна, некоја ќе доживееше длабока старост.
Но, зошто злосторникот им го скрати и тој живот што им остануваше? Зошто да умрат на тој начин? Постојат ли институции во државава кои ќе го казнат убиецот? Убиецот кој искористи отров кој е забранет за употреба уште од пред 15 години. Денот кога беа отруени, кучињата и мачињата умреа во агонија, во тешки маки.
Дина и Нана умираа пред очите на своите сопственици, кои ги сакааа најмногу, но во тој момент не можеа да им помогнат никако. Останаа завиени во тага, не можејќи да поверуваат што се случило. Тие никогаш нема да ги прежалат, секогаш ќе останат запаметени, споменувани, оплакувани. И никако, никако не заслужуваа нивниот живот да заврши на тој начин.
Всушност никој не заслужува неговиот живот да заврши на таков суров начин.
Терасата на ул. Христо Татарчев бр.47К за нас никогаш нема да биде иста. Возрасните со дечињата ќе ја поминуваат со страв, а нас ќе нѐ потсетува дека токму на ова место несовесен граѓанин ни уби членови на две семејства.