Штркот Јорго – птицата што не лета, а ги спојува луѓето
04.01.2026
Петс.мк
Фото: Петс.мк
Во рацете на Марија, ги пречекуваше гостите пред кафулето „Books and dogs“ кои дојдоа на хуманитарниот базар каде што се собираа средства за изградба на првиот центар за рехабилитација на штркови во Македонија.
Фото: Петс.мк
Да, Јорго е штрк. Toj веќе две години живее во прифатилиштето на Марија Митевска, на социјалните мрежи позната како Mарија Дуда, докажан активист за благосостојба на животните.
2
Image 1 of 7
Немаше кој не посака да се слика со Јорго. А и тој, исто така. Во рацете на Марија, најбезбедното место на светот во тој момент, гледаше во луѓето кои со нескриена љубов го изговараа неговото име.
И во кафулето имаше негово место. Секако, до Марија која ги ставаше принтовите со автограмите на Тамара Котевска и Жан Дакар, режисерите на документарецот „Силјан штркот“, на маици, капи и дуксери за посетителите на базарот кои донираа за нејзиниот рехаб-центар.
Фото: Петс.мк
„Јорго е кај мене веќе две години. Тој е од Кривогаштани каде некој му ги исекол крилјата. Ме контактираа активисти од „Урбано гнездо“ од Кривогаштани, човекот кој го хранеше. Чуле за мене на социјалните мрежи. Го донесоа тука. Јорго нема никогаш да лета. Ама, пак, затоа тој е филмска ѕвезда. Ако не ми верувате ќе го гледате филмот ‘Човек против јатото’ на Тамара Котевска и ќе видите кој е таму ѕвездата“, вели Марија за Петс.мк.
Фото: Петс.мк
Ако ве однесе патот во Ранковце не се двоумете и посетете го прифатилиштето за животни „The countryside retreat“. Таму ќе ве пречека Марија и шеесетина животни за кои таа и нејзиниот тим секојдневно се грижат. Животните биле повредени, напуштени или никој не сакал да се потруди да ги лекува, па така завршиле во ранчот на Марија.
„Многу животни имам. Магаренца и коњи со пневмонија и тумори, слепо куче, мачка која е глува… Секакви животни има кај мене. И штркови. Секоја година имам три четири штркови кои остануваат кај мене бидејќи не може да летнат. Од минатата година па досега два штрка полетаа и си заминаа, а затоа имаме нови два. Спијат во ходник во дел од куќата, на првиот кат, кој инаку ни е за гости“, раскажува Марија.
Фото: Петс.мк
Пјотр и Коста се двата штрка покрај Јорго кои се засолнија во „The countryide retreat“. Деновиве ќе му пружи заштита на уште еден. Така и се родила идејата на Марија, преку хуманитарен базар да се обиде да собере средства за посебен дел и простор на нејзиниот ранч наменет само за штрковите. На ѕидовите пак ќе бидат испишани имињата на донаторите од денешниот базар, без чии средства штрковите нема да си го добијат својот простор.
Фото: Петс.мк
„Коста ми го донесоа последен, во октомври, а го најдоа во Марков Манастир. Пјотр, пак, ми го донесоа летово. Удрил во куќа, се повредил и не одлетал со семејството. Коста и Пјотр сега немаат сила и затоа ќе останат зимава тука, но напролет знам дека ќе си одлетаат. Сега ми се јавија за уште еден. Претходно имав други штркови, Пипи, Коко, Силјан. Знаете, штрковите некогаш се тепаат. И затоа сакам посебен дел за нив, бидејќи имам многу простор во прифатилиштето и ќе биде специјализирано само за нив“, вели Марија.
Таа и Тамара Котевска, режисерката на „Приказната за Силјан“ се запознале пред снимањето на документарецот. Марија и штркот Пипи, кој го донела од Кавадарци, се дел од тој документарец. Документарецот го откупи „National Geografic“ и беше номиниран за Оскар.
Марија има нескромна цел која бара многу посветеност, средства и жртва.
„Целта ми е сите диви животни да се вратат назад во природата, каде што припаѓаат. Секоја година со климатските промени има сѐ повеќе диви животни, особено птици кои се најмногу афектирани од климатските промени и не можат да си го најдат патот до својот дом“, недвосмислена е Марија.
Фото:Петс.мк
Сепак, тоа не важи за ѕвездата на хуманитарниот базар. Штркот Јорго до крајот на својот живот ќе остане во прифатилиштето на Марија, опкружен со љубов, нега и грижа.