Skip to main content

ГПС тракер за домашен миленик – да или не?

09.12.2025
Петс.мк
Однесување
ГПС тракер за домашен миленик – да или не?
Фото: Pexels

Запира срцето во моментот кога ќе забележите дека вашиот миленик го нема и многумина за жал го искусиле ова непријатно чувство кое знае да парализира од страв и од паника.

„Како избега?“, „Што ако не го најдам?“, „Вината е моја“, се само дел од мислите што им се вртат на сите кои се соочиле со ваква ситуација, но факт е дека тоа може да се случи речиси секому. 

Со напредокот на технологијата се појавија ГПС тракери со минијатурни димензии, кои многу лесно можат да се стават на околувратникот на вашето куче или мачка. Ваквите тракери нудат проактивен начин за следење и лоцирање на вашето домашно милениче, особено ако тоа има тенденција да истражува и да талка. Интересно е што веќе и домашните оператори за мобилна телефонија во Македонија во своите пакети нудат тракери за домашни миленици.

Фото: Freepik

Дали ГПС тракерите за домашни миленици вредат за парите? Петс.мк ги истражува нивните предности и недостатоци и ви дава упатства прилагодени за сопствениците на домашни миленици.

Микрочипирањето е законска обврска за кучиња во Македонија. Чипот содржи информации за идентификација, а се препорачува и за мачки – особено оние кои живеат и надвор и внатре. Но, микрочиповите не овозможуваат следење на локацијата во реално време, а самиот чип е корисен само ако домашното милениче е најдено и е однесено на ветеринар каде што чипот може да се скенира за да се идентификува сопственикот.

Фото: Unsplash

Од друга страна, пак, ГПС тракерите се прикачуваат на околувратникот на вашето милениче и користат мобилни мрежи за да обезбедат ажурирања на локацијата во живо преку апликации за паметни телефони. Прецизноста во лоцирање на вашето куче или маче е до десет метри и тоа драматично ќе го намали времето на барање. Тракерите се водоотпорни и безбедно дизајнирани да останат прицврстени дури и кога миленичињата се активни.

Најдобра проактивна заштита за вашиот миленик секако е комбинација од микрочип за идентификација и ГПС тракер за моментално следење.

Фото: Pexels.com

Но, како и секој апарат, тракерот има и свои предности и недостатоци.

Ќе почнеме од цената – постојат прифатливи варијанти, особено преку онлајн страните за продажба, но  мора да се внимава пред сѐ на квалитетот на изработка и водоотпорноста. Клучно е тракерот да биде компатибилен со вашиот мобилен телефон и компјутер.

Дел од тракерите имаат опција за „гео-оградување“ односно креирање виртуелни граници и известување ако вашето домашно милениче ја напушти одредената област, давајќи рани предупредувања за да спречите да избега.

Фото: Pexels

Тие ги следат и активностите и здравјето на вашите миленици, исто како апликациите наменети за луѓето односно бројат чекори, дистанца, часови на спиење потрошени калории.

Повеќето тракери тежат помеѓу 50 и 120 грама, полесни се од многу околувратници, и што е најважно, не предизвикуваат непријатност кај вашето домашно милениче.

Фото: Unsplash

ГПС тракерот како и секој модерен уред не е совршен. Зависноста од мобилните мрежи е клучната слаба страна. Доколку вашиот миленик побегнал и се крие во подрум или во гаража, тракерот поради слабиот сигнал не може прецизно да го лоцира. Слично е и во оддалечените или руралните области со слаб мобилен прием. Тракерите имаат батерија која мора да се менува особено ако често се проверува локацијата на миленикот, а некои апликации бараат и месечни претплати. Постои и можноста, без разлика на квалитетот на изработка, тракерот прикачен на околувратникот на вашиот миленик да се откачи или оштети.

Заклучокот е дека ГПС тракерите за домашни миленици обезбедуваат клучни информации за локацијата во реално време, имаат трошоци и ограничувања како што се зависноста од покриеноста на мобилните мрежи и траењето на батеријата, но во секој случај се важна и исплатлива инвестиција за оние кои имаат домашни миленици со „авантуристички дух“.

Поврзани совети

Имаш прашање?

Нашите ветеринари и експерти се тука да ти помогнат со совети за твојот миленик.

Постави прашање