Skip to main content

25 години истрајност: Караманот стана национална кинолошка гордост

21.02.2026
Огнен Чанчаревиќ
25 години истрајност: Караманот стана национална кинолошка гордост
Canarian, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

„Ова не е победа на поединец, ова не е победа на една идеја, ова е победа на една истрајност, ова е победа на еден непокор, како на нас од клубот, така и на цела држава“.

Ова се зборовите на претседателот на кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче Караман“, Илија Ико Каров на денешната прес конференција на која во детали се презентираше патешествието на караманот до признавање како официјална раса на куче.

Фото: Петс.мк

Караманите постојат повеќе од илјада години во Македонија. Првиот запис е на слика од фреска во Курбиново, а до деведесеттите години од минатиот век претежно се работни кучиња во руралните средини.

Огромна улога и заслуга во презервацијата на расата караман која има Бигорскиот манастир во чија одгледувачница минале десетици единки.

Претседателката Гордана Силјановска Давкова исто така е голем вљубеник и покровите на оваа раса и ги отвори вратите од својот дома за караманката Дони.

Приказната почнува во далечната 1998 година кога двајца ентузијасти, Марјан и Влатко Костовски ќе симнат два примероци од планина во својот двор. Набрзо дворот ќе стане претесен и ќе се преселат на поголем плац каде ќе одгледуваат дваесетина примероци.

Браќата Костовски знаеле дека ќе дојде периодот кога ќе треба да се оценуваат според кинолошки прописи и судиите ќе мора да имаат стандард според кој ќе ги оценуваат кучињата на изложбите.

„Од 1999 до 2003 година почнавме со мерење на физичките карактеристики на караманот. Во тој период од четири години измеривме 237 примероци, 178 мажјаци и 59 женки и според тие мерење го составивме стандардот на македонското овчарско куче Караман. Во 2004 година излезе од печатница книгата во која беше публикуван стандардот за оваа македонска раса куче и ние го регистриравме кинолошкиот клуб“, изјави Костовски.

Фото: Кинолошки сојуз на РСМ

Во 2010 година на стадионот на АРМ во Скопје се одржува првата изложба на карамани, а во 2015 година караманите за прв пат се претставени пред челниците на светската кинолошка федерација.

Во 2011 година е промовирана и поштенската марка со ликот на македонското овчарско куче караман. Два примероци добила и едницата ЕБР каде биле дресирани за чување на јавен ред и мир и чување на објекти.

Покрај јасната темна боја и градбата, караманот е карактеристичен по своите инстинкти.

„Сфатија дека тоа што го нудиме е навистина уникатно и не е слично на ниедно од  380 раси кучиња кои се веќе признаени во светската федерација за кинологија и дека имаме нешто посебно да им понудиме. Ние им понудивме здрава раса со вистински инстинкти, кои многу раси кучиња ги имаат загубено поради доместификација. Основниот инстинкт на куче ние го задржавме во гените на Караманот. Горд сум што нашиот караман е направен од чисто наши кучиња од нашите планини“, вели Габриел Сибел, кинолошки судија.

Во зачувувањето и стандардизацијата на расата помогнале и многу професори и научници од Македонија. Задоволени се од резултатот за кој велат дека се должи исклучиво на фактот што во Македонија има голем потенција и многу здрави единки, па затоа караманот е една од најздравите раси во светот.

Canarian, CC BY 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by/4.0>, via Wikimedia Commons

„Имаме навистина многу здрава популација на кучиња. Се направи стандардизација на хематолошкиот и биохемискиот профил на расата. Кога ги сумиравме сите резултати заедно, од сите експерти во науката вклучени во процесот, заклучивме дека имаме раса со одлично здравје. Благодарение што имаме огромен потенција и голем генетски пул во Македонија. Имаме раса која е неоптеретена со наследни болести“, изјави проф. д-р Панче Дамевски.

Покрај караманот во моментов во тек е и создавање на уште една македонска автохтона раса на кучиња – паничар .

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест