Skip to main content

(ИНТЕРВЈУ) Енис Хилми: Сонувам за колективно будење – да исчезне омразата кон беспомошните!

13.04.2026
Мери Јордановска
(ИНТЕРВЈУ) Енис Хилми: Сонувам за колективно будење – да исчезне омразата кон беспомошните!

Колку и да се трудите, книгата на Енис Хилми, „Само уште еден скок“, не може да не ви донесе солзи на очи, особено доколку сте љубител на животни. Во секоја напишана реченица се наѕира љубовта кон нејзиниот пријател кој ја следи низ животот цели 14 години. Го опишува моментот кога првпат го здогледува, па сѐ до моментот што е неизбежен – разделбата. Но, не е само тоа. 

Хилми во своето дело низ приказната на Тото, златниот ретривер кој го обожава Охрид и пливањето во Охридското Езеро, проткајува уште многу други приказни, гледани низ очите на нејзиното куче – односот кон бездомните животни, помошта од пријателите, екоцидот, „сивото Скопје“, начинот на кој Охрид станува тло за дивоградби. А кога сето ова се гледа низ очите на едно куче, приказната добива сосема друга тежина, сосема друга димензија. 

Со Хилми разговараме за мотивацијата за создавање на ова дело, за кое што, како што би рекла Билјана Стојановска – „нѐ учи на сомилост и сочувство кон животните, нешто што општеството го одминува, како да подзаборавило дека на овој свет не постојат само луѓето“. 

Фото: Лична архива

Вашата книга „Само уште еден скок“ претставува ретко дело – пишувач е куче, вашето куче Тото, кое преку неговата перцепција на работите успева да ни долови многу работи – преку љубовта и емпатијата до многу општествени проблеми со кои се соочуваме, тргнувајќи од екоцидот, неконтролираното градење, до односот кон животните. Кога и како дојде мотивацијата да го создадете ова дело?

Хилми: Мотивацијата се случи од љубовта во неизмерни количини, но и од неподнисливата тешкотија, во времето кога Тото го направи последниот скок.

Бев скршена од болка и тага, кога едно утро мојата сестра спасител, ми тропна на врата да ме потсети дека со денови не сум излегла од дома. Во случајов на привремен престој во нејзината дома. Не дека потоа јас веднаш излегов. Но, барем ги избришав солзите, ја голтнав грутката, го отворив лаптопот и седнав да пишувам.

И не дека болката исчезна, но стана барем повоздушеста. Иако имагинативно повторно бев со Тото. Низ солзи и смеа, некогаш и двете истовремено, се редеа договштините и паловостите на Тото. Но, и сите оние општествени неправди што низ годините само се калемет во градот покрај езерото. Па така, чинам Тото уште еднаш ме спаси.

Иако уште долго после неговата смрт, не можев да стапнам на патеките кои ги вртевме заедно. Иако нема шанси да не подзастанам кога ќе видам ретривер.

И иако до ден денес, синото ремче упорно му стои пред вратата.

Фото: Приватна архива

Многу луѓе ме прашаа „дали книгата има среќен крај“, пред да ја купат. Како гледате вие – има ли среќен крај?

Хилми: Важно е само тоа дека животот на Тото беше многу среќен. А крајот е биолошки неминовен. Нивниот живот е само забрзаната верзија на нашиот. Ете, јас никогаш ништо не сум чувала миленик пред Тото. Ни куче ни маче. Ги сакав јас животните. Но, само од далеку. Тото ме научи дека живеењето заедно е една сосема друга приказна. Дека љубовта се гради секој миг. Дека бара жртва и пожртвуваност.

Но, и дека најважното од сѐ е она СЕГА.

И дека ако нештата се даваат со полно срце без задршка, благодарноста се враќа на тони. Барем со кучињата испадна дека е така.

Тото, да, ми го смени животот. Но, ме смени и мене. И заврши работа колку за десет психо коучери заедно (се смее).

Фото: Приватна архива

Во книгата, преку животот на Тото, читаме и за многу непријатни ситуации со кои секојдневно се соочуваме на македонско тло – дислокација на кучиња, труења, суровиот однос кон животните. Која е пораката што сакате да ја испратите преку евидентирањето на овие настани?

Хилми: Подигање на свеста. Сонувам за некакво колективно будење. Бришење на тој глупав отпор, да не речам омраза, особено спрема беспомошните. Не знам навистина од каде дојде таа негација према животните и природата.

Како испадна дека не е никаков проблем да ги искасапите дрвата или да отруете куче?

Пред неколку дена наидов повторно на стравотна глетка од отруени кученца на кејот во Охрид. Па повторно трчаа ветеринарните доброволци да спасуваат. Сметам дека со тој гнасно морбиден чин, извршителите само се дозакопале во мизерија и беда. И само си ја доотруле сопствената душа .

Фото: Приватна архива

Низ книгата цело време се проткајува еден силен момент – вашата сериозна пожртвуваност за вашиот сопатник. Кога патувате, да барате луѓе од доверба кои ќе го чуваат, кога е болен, да се селите во Скопје за да добие соодветна грижа. Многу луѓе често овие работи ги премислуваат кога се мислат дали да земат куче. Вреди ли жртвата?

Хилми: Вреди и тоа како. Вреди за сто животи.

Од почеток вдомувањето изгледа како многу голем товар. Ако го тупиме и размислуваме премногу, секогаш ќе најдеме изговори дека е сето тоа премногу напорно и бара жртви. Да, бара. Но, добрите страни се многу повеќе. И сето тоа поткрепено со катализатор од само еден нивни поглед. Е токму тогаш забораваме на тешкотиите и преструктуирањето на животот. Само тој еден поглед е доволен да излетаме надвор и без двоумење да зачекориме надвор од комфор зоната.

И да, не доаѓаат сите обврски одеднаш. Впрочем, како и со децата. Не дека сите грижи и барања бомбардираат истовремено.

И уште нешто. Колку и да сме добро организирани, еве да речам кога патуваме без милениците, на кратко или на долго, блиску или далеку, егзотично или работно – небитно. Нам мислата ни е постојано кај нив.

Во главата како да имаме еден софтвер во позадина што никогаш не се исклучува. И постојано го повторува името.

Дополнително, навистина треба да сме внимателни кога го одбираме името на миленикот. Зошто во еден нивни просечен век ќе го изговориме најмалку 100 000 пати (се смее).

Фото: Приватна архива

Можам само да претпоставам какви се реакциите на љубителите на животни кои ја прочитале книгата, тргнувајќи од себе. Но, многу ме интересира какви беа реакциите на луѓето кои не се страсни љубители на животни или кои ја немаат осетено врската човек – куче. Дали, според вашите сознанија, ја разбраа или можат да ја разберат книгата?

Хилми: За љубителите на животни, нема дилема. Но, мојата желба е книгата да допре до оние другите. Можеби и срцето на оние што од дното на душата мразат животни еден ден ќе омекне. Или можеби најреално – до оние што се двоумат или не се осудуваат да се врзат и да вдомат куче.

Фото: Приватна архива

Ќе има ли Енис Хилми некогаш „нов Тото“ во нејзиниот живот?

Хилми: Засега ќе ги сакам сите Тотовци надвор од домот. Но, полека… зошто засега имам и една part time parentship варијанта. Или повремен дог ситтинг на малото кученце Џина. Потполна спротивност од Тото. Послушна скроз. Застанува само на еден збор. Не се одвојува ни за миг. Јаде со „финоча“ на Лејди Џи.

И замислете, не го ни помирисува езерото.

***

Енис Хилми е родена во Охрид, 1968 година. Студира во Истанбул, на Босфорскиот универзитет, прво филозофија, потоа напредни административни студии. Завршува и школа за новинарство на Македонскиот институт за медиуми во Скопје во 2008.

Од 1994 до 2007 работи во три македонски министерства во Скопје. Еден предпрвомајски ден ја зема ташната и дава отказ. Од 2009 година е туристички работник во Охрид. Член е на СОС Охрид од почетоците на неговото основање.

Со својата прва збирка раскази „Берлин, градот што не го засакав на прва“ станува добитничка на наградата „Новите“ од издавачката куќа Темплум, за најдобар дебитантски прозен ракопис во 2024 година. „Само уште еден скок“ влегува во потесниот избор за „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест