Skip to main content

Необичен член на тимот на Клиниката за психијатрија – лабрадорот Роџер во служба на менталното здравје

15.01.2026
Петс.мк
Необичен член на тимот на Клиниката за психијатрија – лабрадорот Роџер во служба на менталното здравје
Фото: Универзитетска клиника за психијатрија

Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје доби необично, но исклучително корисно засилување во својот тим. Станува збор за Роџер, 2,5 годишен „чоколаден“ лабрадор, кој преку процесот на вдомување воедно стана дел од терапевтските активности на клиниката.

Роџер, на иницијатива на директорката на Клиниката за психијатрија, проф. д-р Славица Арсова, е вклучен во имплементацијата т.н. Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни), чија цел е да обезбедат емоционална поддршка и смиреност за пациентите. Арсова појаснува дека присуството на кучето помага во емоционалната регулација и ја зголемува мотивацијата кај пациентите за вклучување во терапијата.

„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.

За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а под надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите, со нивна согласност.

Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата каде што има храна или лекови, a неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите – доброволци од дневната болница.

Лабрадорот е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни, бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на тераписката средина.

„Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“, додава директорката на Клиниката за психијатрија.

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест