Стотици спасени и вдомени кучиња и мачиња во Македонија и во странство, вложени натчовечки напори за благосостојбата на животните и многу едукација во однос на грижата и негата на милениците стојат зад нас – Мери Јордановска и Огнен Чанчаревиќ, луѓе кои со многу труд и љубов го создадоа Pets.mk, за да ја продолжат својата мисија на едно повисоко ниво. Како новинари со над 20 годишно искуство умееме да ја пренесеме секоја „шепаста“ сторија не само како една (не) секојдневна случка, туку како приказна од која ќе произлезат поуки, повисоко ниво на свесност и општествени промени.
Објективните, навремени и точни информации се единствените принципи по кои ние работиме, a според овој принцип ќе се раководиме градејќи го она што долго го планиравме и беше наш животен сон – Pets.mk.
Нашето семејство се состои од четири шепасти пријатели, од кои кралицата на домот е Лили (позната во јавноста како Љиљана), куче од 130 грама оставено пред контејнер да цица од мртвата мајка, која сега веќе прерасна во вистинска ѕверка и професионален голман. Со нас е и Тајсон, нашиот слеп господин мачор поради кој немаме ниту едно цвеќе дома, а секој прозор ни е затворен со мрежа поради неколку ненамерни самоубиствени обиди. Староседелци во домот се Миси и Феликс – 16 годишни мачки кои се во исклучително лош брак, но успеваат некако да најдат компромис како стар брачен пар.
И на крајот од денот, и покрај тоа што сме свесни дека сме ги спасиле од сигурна смрт, секогаш се прашуваме – „Кој кого спаси?“, оти ние им дадовме втора шанса за живот, а тие ни дадоа многу побогат и поисполнет живот. Тие се и нашата главна инспирација за нашето ново милениче, Pets.mk, за кој сметаме дека ќе донесе поубав и побогат живот за многу миленици, но и за многу луѓе.