Skip to main content

Како Холандија стана првата земја без кучиња скитници?

05.12.2025
Петс.мк
Како Холандија стана првата земја без кучиња скитници?
Фото: pexels.com

Во било кое населено место во Холандија можете да видите кучиња кои сопствениците го возат во корпи на своите велосипеди, да видите како ги шетаат на поводници низ прометните шеталишта во центрите и во парковите, како седат до сопствениците во кафулиња и ресторани, па дури и малите миленичиња можете да ги сретнете и во јавниот превоз каде што за нив е дозволен влез и билет со намалена цена. Но, кучиња скитници нема да видите никаде во Холандија.

Фото: Петс.мк

Како Холандија успеа да го искорени проблемот со кучињата скитници?

Не преку еутаназија!

Холанѓаните го постигнаа тоа преку програмата ЗСВВ (залови – стерилизирај – вакцинирај – врати), национална програма за стерилизација финансирана од Владата. Светската агенција за заштита на животните верува дека тоа е најефикасниот начин за борба против популацијата на кучиња скитници. Една од мерките што ја применуваат голем број општини во Холандија е и зголемување на даноците за купени кучиња од продавница со цел да ги поттикнат луѓето да посвојуваат бездомни кучиња од стационари.

Понатаму, Холандија формираше „Аnimal Police“ – полиција за животни, која ги истражува случаите на малтретирање животни и истовремено е задолжена за нивно спасување.

Фото: Петс.мк

„Постои директна врска помеѓу насилството врз животните и насилството врз луѓето“, изјави Маријана Тиеме, лидерка на холандската политичка партија за животните (ПвдД),.

Според официјалните податоци во моментов секој петти жител во Холандија е сопственик на куче што го посвоил од стационар или од улица.

Холандија е меѓу првите држави што го воведува данокот на кучиња (хонденбеластинг) во обид да го регулира бројот на кучиња скитници, но проектот не успеа бидејќи на улиците завршија уште поголем број кучиња чии сопственици немаа пари или не сакаа да го платат данокот.  Во моментов, годишно данокот изнесува меѓу дваесет и неколку стотини евра во зависност од бројот на кучиња и од расата.

Според Законот за заштита на животните, донесен уште во далечната 1964 година, злоупотреба и малтретирање на било кое животно се казнува со затворска казна до три години и парична казна од 16.750 евра.