Привремен дом наместо улица: ЈП Лајка повикува граѓаните да станат згрижувачи на бездомни кучиња
Во време кога капацитетите на ЈП Лајка се преполни, а сè повеќе кучиња чекаат своја шанса за подобар живот, јавното претпријатие упатува апел до граѓаните – не мора да вдомите, за да направите огромна разлика.
Преку новата програма за привремено згрижување, секој што има малку простор, трпение и љубов кон животните може да стане дел од решението. Привремениот згрижувач му обезбедува на кучето дом со цел да има има место каде што учи рутини, стекнува доверба и се подготвува за својот траен дом.
„Привремениот дом е само една станица на нивниот пат, но често е клучна за нивниот живот“, порачуваат од Лајка.
Што значи да се биде привремен згрижувач?
Наместо да поминува време во боксови или повторно да се врати на улица, кучето престојува во домашна средина, каде што постепено се социјализира и стекнува основни навики, како прошетки на поводник, контакт со луѓе и социјализација со други животни. Овој процес значително ги зголемува шансите за успешно вдомување.

Поддршка од Лајка
Граѓаните кои ќе се одлучат на овој хуман чекор нема да бидат сами во процесот. ЈП Лајка обезбедува:
- храна за кучето за целиот период на престој
- ветеринарна грижа
- насоки и поддршка од стручниот тим
- активна промоција за вдомување на кучето
Кој може да стане згрижувач?
Привремен згрижувач може да биде секој што има желба да помогне. Доволно е да имаат простор, трпение, одговорен пристап.
Привремените згрижувачи играат важна улога во процесот на вдомување. Тие најдобро го запознаваат кучето и помагаат во изборот на вистинското семејство, со што се намалува ризикот од повторно напуштање. Истовремено, кучињата кои поминале низ домашна грижа полесно се адаптираат и имаат поголеми шанси да најдат траен дом.
Пишете на info@lajka.com.mk, доколку сакате да пружите љубов и привремен дом на кучињата кои долго време се затворени во боксовите.