Ветеринарот Војислав Димитровски е нов в.д. директор на ЈП Лајка
Докторот по ветеринарна медицина Војислав Димитровски е нов в.д. директор на ЈП Лајка, објави тој на својот профил на Фејсбук, откако на досегашната в.д. директорка Радмила Пешева не ѝ беше продолжен мандатот. Тој од утре ќе стартува на ново-старата позиција, со оглед на тоа што тој раководеше со претпријатието и во 2021 година.
„Секој нов предизвик и дадена доверба ги прифаќам со максимална посветеност за да одговорам на предизвикот и да ја оправдам довербата. Одговорните политички субјекти во државата повторно ми ја дадоа довербата да раководам со ЈП Лајка во наредниот период.Во текот на последните 10тина години активно работам на тема благосостојбата кај животните во рамки на Македонија но и во околните држави. Целото стекнато искуство и мојата стручност во областа која како на домашно така и на меѓународно ниво ја имам стекнато, заедно со искуството на тимот од ЈП Лајка целосно ќе ги вложиме во управувањето на процесите за хуман третман на животните во рамки на градот“, вели Димитровски.
Тој додава дека проблемот со уличната популација на животните е голем, но истиот ќе се изодува заедно со вработените, здруженијата, активистите и граѓаните.
„За сето ова да го претвориме во реалност имаме ветена безрезервна поддршка од градот Скопје и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски“, пишува Димитровски.
Димитровски е магистер, доктор по ветеринарна медицина, специјалист од областа на ветеринарно јавно здравство. Тој освен што беше директор на ЈП Лајка, работи и како консултант во креирање на процесот на организација на системот на работа на прифатилиште за кучиња Хачико – Битола и Шепа – Кавадарци за Вардарски плански регион.
Тој е национален координстор за благодостојба кај животните на проекти во организација на UNDP и FAO, консултант за начин на контрола на уличната популација на кучињата во градови од држави од соседството и едукатор за менаџирање на прифатилишта и спроведување на тестови за социјализација кај кучињата.