Skip to main content

(ВИДЕО) Загрепчанец секој ден со количка го изнесува своето болно и старо куче: „Боби ми е сѐ на светот“

25.03.2026
Петс.мк
(ВИДЕО) Загрепчанец секој ден со количка го изнесува своето болно и старо куче: „Боби ми е сѐ на светот“
Фото: Фејсбук

Многу емоции во Хрватска предизвика срцепарателната приказна за 74-годишниот Ивица Пениќ, кој своето 15-годишно болно куче Боби секој ден со количка го изнесува надвор, да ги изврши своите физиолошки потреби и да го почувствува сонцето.

Социјалните мрежи и хрватските медиуми наголемо ја споделуваат оваа емотивна сторија која истовремено е убава, но и тажна, а говори за една посебна приврзаност меѓу еден човек и куче. 

„Тој ми е сѐ на светов“, изјавува за медиумите Пениќ, кој Боби го зел пред 15 години, кога тој бил мало кученце. 

„Додека некои ги напуштаат своите здрави кучиња, постојат луѓе поради кои верувам дека сè уште не е сè отидено по ѓаволите. Луѓе кои ја враќаат вербата во луѓето и со своите постапки го прават светот поубаво место. Го гледам соседот од маало како два пати дневно, секој ден, го вози своето болно и старо куче во количка до ливадата. Ти благодарам, добар човеку“, напиша неговата сосетка Зденка, која ги објави фотографиите на социјалните мрежи.

Ивица нема социјални мрежи ниту паметен телефон, туку користи само стар, обичен телефон за повици и пораки, кој деновиве постојано ѕвони. Дека тој и Боби преку ноќ станале „ѕвезди“, дознал од соседите и минувачите кои сега го запираат за да го поздрават и да му се заблагодарат за човечноста и грижата што ја покажува кон својот стар и болен пријател.

Боби, како што раскажува Ивица за 24 сата, на 3 март наполнил 15 години. Заедно го поминале целиот негов живот.

„Патувавме по Јадранот, од Ровињ до Дубровник, веславме по реки, нераздвојни сме. Кога беше помлад, трчаше насекаде, сите соседи го знаеја. Здравствените проблеми почнаа околу неговиот 14-ти роденден, дотогаш беше многу активен“, вели Ивица за „Вечерњи лист“.

Но, со годините стигнале и здравствените проблеми, па така минатата година во август Боби доживеал помал мозочен удар, има проблеми со бубрезите, слеп е на едното око, а и на другото гледа послабо. Ни слухот веќе не го служи како порано, а има и бениген тумор.

Тешко се движи, па затоа Ивица секој ден, три до четири пати, го носи во количка, обложена со ќебиња за да му биде удобно и топло, до ливадата. Таму го спушта на нозе, за Боби да може малку да прошета и да ги заврши физиолошките потреби. И покрај годините и нарушеното здравје, Боби е подвижен – оди додека не се измори, а потоа легнува и чека Ивица да го крене и во количката да го врати дома. Двајцата живеат сами во стан. Ивица работи како хигиеничар, односно го чисти просторот околу зградата и контејнерите.

Вчера за Боби стигнала и првата донација – нова количка, изјави за Индекс сосетката Зденка.

На прашањето како реагирал Ивица кога ја добил донацијата, таа изјавила: „Тоа беше многу емотивно, тажно и среќно во исто време. Плаче тој, плачеме и јас и пријателката“.

Таа додала дека Ивица и неговиот Боби ќе добијат и храна и лекови за кучето, кои ги понудила компанијата Appipet.

Во време кога сè почесто сведочиме на рамнодушност, приказната за Боби и неговиот сопственик тивко нè потсетува дека лојалноста, љубовта и грижата сè уште ги има меѓу луѓето.

Сподели ја оваа приказна:

Слични приказни

Сподели ја твојата приказна

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати приказна