(ВИДЕО) Која е Гаја од Капиштец: „фудбалерката“ што влета на натпреварот Македонија – Шкотска
Влета на натпреварот Македонија – Шкотска, на теренот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, мавтајќи со опашката и гордо трчајќи, без трошка страв, како тоа да го правела многупати во животот.
Од улично куче кое најмногу се движи во реонот Капиштец, а за кое се грижат неколку жители од населбата, Гаја стана куче кое од вчера е хит и во светските медиуми, како глобална спортска атракција.

Која е всушност Гаја?
Стара е околу 2 години, а годинава во февруари беше објавена за вдомување од страна на ЈП Лајка, откако била заловена на својата територија во Капиштец. Во ЈП Лајка ја крстиле Македонка.
Бидејќи никој не се пријавил да ја вдоми, Гаја била стерилизирана, вакцинирана, обележана со маркица на увото и вратена на локацијата.
За неа и за нејзиното братче се грижат неколку жители од овој реон. За разлика од Гаја, која буквално живее како номад, нејзиниот брат не ја напушта својата територија, сведочат луѓето кои се грижат за нив.
„Жената која најмногу се грижи за Гаја неколку пати ја има враќано со кола откако ќе ѝ јават дека е најдена во други населби. Таа има посебен карактер, за еден ден може да ја видите во три различни населби во Скопје. Станува збор за енергично и темпераментно куче кое едноставно не мирува, но сепак постојано си се враќа на своето место. И вчера, откако си ја обави својата „мисија“ на фудбалскиот натпревар, се врати назад. Ние се грижиме за неа, но и за кучињата во овој реон – да бидат редовно прочистувани, третирани и кога е потребно, ги носиме на ветеринарен преглед“, вели Афродита Муслиу, една од „старателките“ на Гаја.
Во прилог е едно од видеата кога жителите ја земаат немирната Гаја откако била најдена во друга населба. Таа има каивче со телефонски број, па граѓаните често се јавуваат за да пријават дека е најдена.
Муслиу вели дека ова куче кое едноставно не мирува, знае да ги следи соседите кога пешачат во други населби и се однесува како да ја знае секоја уличка во Скопје.
„Ги минува улиците буквално како да владее со нив“, додава таа.

Гаја, која преку ноќ стана славна, е уште една потврда дека секое улично куче што го одминуваме по улиците, си има свој карактер, свој темперамент и си носи своја приказна, некогаш среќна, некогаш тажна – нешто што во голем дел зависи од тоа како се третирани од страна на луѓето.
Затоа, погалете ја Гаја следниот пат кога ќе ја видите по скопските улици!