Skip to main content

Розевата куќичка во центарот на Скопје: како Медо ја најде својата среќа во „Телеком“

18.04.2026
Мери Јордановска
Розевата куќичка во центарот на Скопје: како Медо ја најде својата среќа во „Телеком“

Повеќе од 3 години, во една розева куќичка, во боите на „Македонски Телеком“, склупчен си спие Медо, во центарот на Скопје. Неговата ушна маркичка ги оддава неговите години – таа е уште од стариот стационар „Вардариште“, пред да биде отворено јавното претпријатие ЈП „Лајка“, што значи дека Медо е стар повеќе од 10 години.

Само тој си знае каков му бил животот скитајќи по улиците, додека не си ја нашол својата територија и тоа токму пред седиштето на водечкиот национален телекомуникациски оператор. Веројатно осетил дека е добредојден, бидејќи вработените многу брзо го прифатиле. Но, една жена особено – Надица Петрушева, вработена во Телеком.

„Кај нас е веќе три и пол години, од компанијата донираа и куќичка, а тој е посебно приврзан за мене, бидејќи го хранам секој ден, подмирувам ветеринарни трошоци за него, едноставно бескрајно го сакам. Тој ме следи каде и да одам на пауза, во ГТЦ ме чека пред продавниците и потоа повторно си се враќаме „на работа“. Имаше еден период, кога бев распределена да работам во Ченто и тогаш навистина ми недостигаше Медо. Ми кажаа и дека престанал да доаѓа и не спиел во куќичката. По неколку месеци, кога се вратив – се врати и тој“, раскажува Надица за Петс.мк.

Овој пример не е реткост. Можеби не е толку чест колку што сакаме, но сепак покажува дека сѐ уште постојат хумани луѓе, љубители на животни, но и одговорни компании.

Да живееш уште долго Медо, во својата убава розева куќичка и меѓу луѓето кои те сакаат!

Линк до видеото од Медо

Сподели ја оваа приказна:

Сподели ја твојата приказна

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати приказна