Тамара Грнчароска – новинарка со големо срце и три „цимерки“ спасени од улица
Тамара Грнчароска ќе ја видите често на телевизиските екрани, нејзините стории секогаш се во сржта на проблемите во македонското општество, секогаш во обид за подобро утре за сите нас. Но, Тамара може да ја забележите и меѓу грмушки во парковите низ Скопје како се обидува да им помогне на оние на коишто најмногу им треба нашата помош – бездомните мачки.

Врската со кучињата и мачките ѝ е од раното детство, кога подрумот на нејзината семејна куќа во Тетово стана дом за мачка со две мачиња. Четириесетина мачки се стерилизирани благодарение на заложбите и финансиите на Грнчароска, но тука се и неколку кучиња, како она што го симна од Попова Шапка и го спаси од сигурна смрт.
Нејзиниот дом го отвори за три бездомни мачки, Трошка, Домино и Мила. Секоја од нив е посебна приказна, но со заеднички именител – Тамара Грнчароска.

Првата „цимерка“ во нејзиниот дом е Грисинка која сега е на траен поседок во Тетово. Не планирала друга мачка по Грисинка, кога пред нејзините нозе се појавила Трошка, прегладнета и изнемоштена едвај стоејќи на нозе.
„Тежеше само 507 грама иако имаше околу два месеци. Ветеринарката рече дека во животот не видела понеухрането маче. Колковите и стрчеа, очињата ѝ беа полузатворени, со почнат процес на инфекција на едното, а на главчето ѝ доминираа ушињата кои беа преполни со ушни вошки. Глас речиси и да немаше. Кога ветеринарката ме праша со кое име да ја запише, без размислување реков – Трошка. Тоа ми беше единствената асоцијација на неа. Трошка од маче. Првите два дена од нашиот заедничкиот живот Трошка ги преспа. Целиот сон на светот беше нејзин, за сите непроспиени часови на улица“, раскажува Тамара.

Љубовта и грижата ќе ја трансформираат Трошка. Таа станува „ловецот“ на сенки и сончеви зраци, крадецот на кесички чај и „декоратер“ на клуб масата во дневната соба и тапетите.
„Тогаш таа ми го приреди најголемиот стрес во животот. Успеа да се протне преку заштитна мрежа за мачки на прозорецот, на која се качуваше кога ќе видеше птица и падна од шести кат. Тој ден никогаш нема да го заборавам. Кога ја најдов од другата стана на зградата, со крваво муце и избезумена до степен што не ме препознаваше, само ја молев да не умира, додека ја возев на ветеринар. За некакво чудо таа немаше посериозни последици од падот, како скршеници или внатрешни повреди, туку само набиеница и напукнато непце“, раскажува Тамара.

Тогаш паднала одлуката; „Трошка мина доволно и нема да се вдомува, останува кај мене“.
А таа одлука ја донесе и Домино во нејзиниот дом. Скриена во напуштен автомобил на паркингот пред зградата, Домино ја „демне“ Тамара секое утро кога оди на работа.
Секогаш гладната Домино
„Домино сè почесто почна да ме следи до дома откако ќе ги нахранев. Се бркавме по паркингот, јас враќајќи назад, а таа кришум, криејќи се под колите, повторно следејќи ме до зградата. Бев убедена дека е мачорче сè додека ветеринарот не ми кажа дека е женско. Тогаш помислив дека токму таа може да биде добро друштво на Трошка. Не беше доминантно маче, исто како што не беше ниту Трошка“, вели Тамара.

Трошка не била воодушевена од новиот „цимер“, но брзо ја прифатила.
„Домино не може да ја вознемири ништо додека јаде, освен усисивачот. Понекогаш мислам дека таа има душа на куче во тело на мачка. Ме следи на секој чекор, сака нон стоп да биде во моја близина, а секогаш се јавува или доаѓа кога ќе ја повикам по име. Домино е мачка која е секогаш гладна, а грицките и паштетите ги снемува како во црна дупка“, раскажува Тамара.
Каде се две, таму се и три
„Не се исплаши кога ѝ пријдов и сфатив зошто. На вратчето имаше детска алка од монистри. Таа беше уште едно напуштено маче од човек. Играчка за деца, која им здодеала и ја напуштиле како да не е живо суштество“, раскажува Тамара за третата цимерка – Мила.

Таа ја вдомила во семејство кое ја однело во викендичка каде имало два некастрирани мачори, но откако одбиле да ја стерилизираат, Мила се враќа во станот во Ново Лисиче. Ќе се разболи и следуваат месеци на лекување, месеци на борби и обиди за давање терапија, месеци на гребаници по рацете.

„Еден ден си признав дека и таа ќе остане моја. Таа одлука најтешко и падна на Трошка, на која и требаа четири месеци за да се навикне на торнадото по име Мила. Домино ја реши Мила по кратка постапка и покажа на два-три пати дека будалаштините непоминуваат кај неа. А Мила има посебен карактер, таа е центарот на светот. Неа ништо не може да ѝ избега од радарот“, раскажува Тамара.
Дел од денот на Грчароска секогаш е посветен на бездомните мачки. Вели дека за неа нема поубаво чувство кога си оди дома и знае дека уличните мачиња или кучиња кои ги нахранила вечерта ќе заспијат со полн стомак и дека преживеале уште еден ден и дека нема посреќна од неа кога секој нов ден ќе ги најде сите нејзини улични мачиња и кучиња живи и здрави.
„Сум се откажала од многу работи за да можам да покријам трошоци за храна, вакцини, прегледи и ред други работи за животните за кои се грижам и не жалам поради тоа. Она со што се уште тешко се справувам е загубата на некое од нив“, децидна е Тамара.

Потенцира дека нејзината цел, не е бројката на вдомени мачиња да расте, туку да се менува свеста кај луѓето.
„Мојата порака е кратка и јасна. Сакајте ги уличните животни. Ако не ги сакате, барем не ги повредувајте. Ако пак имате можност и време – нахранете ги. Со тоа сте им го спасиле животот. А има ли нешто поубаво на светот од тоа да спасиш нечиј живот, па дури и на едно маче!“, вели Тамара.