Патуваа повеќе од 1.000 километри за да го вдомат Вокси од Македонија во Словачка
Тој, ретривер – Вокси од Македонија. Нашиот пријател и колега – Влатко Чаловски, неверојатен професионалец – новинар и љубител на животни, бара соодветен дом за Вокси, кој поминува низ многу премрежја додека да го најде својот постојан дом.
И така се случува речиси невозможното.
Во прилог е приказната за Вокси, раскажана преку Чаловски – за кучето кое помина повеќе од 1.000 километри со автомобил, за да стигне до својот дом – во Словачка, кај Македонци кои се преселени и живеат таму.

Ретриверите, по правило, се кучиња родени под среќна ѕвезда.
Им одговараат на сите.
Љубителите им зборуваат како на луѓе, индиферентните омекнуваат, а и оние што не ги сакаат – барем се насмевнуваат.
Ова е општ вовед.
Приказнава, всушност, е за еден ретривер по име Вокси.
Куче што никогаш не видело зло, и ја зграби третата среќа.

Во ноември 2025 година, Вокси мигрираше во Европската Унија.
Првпат го видов во Пржино.
Во двор, во бокс, на ланец.
Малку лаеж, малку возбуда – ништо посебно.
Ретривер како секој друг.
Само името ми беше чудно. Вокси.
Имаше околу една година.
Половина ја поминал внатре, половина надвор.
Во истата населба, мои блиски пријатели во нивниот двор чуваа ротвајлер.
Декстер.
Преубав пес. Ама и гад.
Ги имаше каснато неколкупати, иако имаше сѐ: двор, храна, прошетки, љубов.
Декстер беше господар на територијата.
Можеш да седиш до него, но не смееш да го допреш.
Нешто му се кршеше внатре од блискост.
Но. времето си го направи своето.
Декстер замина.
А Вокси – допрво почнуваше со животот.
Неколку месеци подоцна, истиот двор имаше сосема друга енергија.

Вокси го посвоија токму моите пријатели. Сега одврзан, го разубави просторот.
„Мислев после Декстер дека нема пак да сакам пес“, ми рече Блузерот.
„Ама со овој – кафето ми е послатко сабајле. Затоа го посвоивме.“

И таков беше Вокси.
Игрив.
Со деца, со гости, со сите.
А „ч“ немаше од чувар во него.
Го виде и Охрид.
Иако ретривер – чудно, не беше љубител на вода.
Низ кампусот знаеше да шета и пуштен.
Свиркаш двапати – и веќе слушаш шепасти татнежи како наближуваат.
Преубав пес.
Летово за малку ќе го „вдомеа“ скопјани, мислејќи дека се изгубил. Ама беа премногу блиску до нашиот камп за да не знаат чиј е.
Но, дојде одлуката што повторно му го промени животот на Вокси.
Моите пријатели се селеа во Охрид.
Беа многу загрижени како да постапат правилно.
Оти сфативме дека Вокси би завршил во стан, со две мали деца, трет во редот на внимание.
Разговаравме јас да се грижам за Вокси.
Ентузијаст, дури си замислив соживот меѓу него и мојот 9-годишен мачор Ќиро.
Лоша идеја.
И решивме – ќе му најдеме дом.
Процесот го презедов јас.
А кога ти треба помош – ја бараш Мери Јордановска.
Огласот експлодира.
Првиот ден – три повици.
Вториот – уште пет.
Фамилии, хемија, интерес.
Но, Вокси со секого имаше хемија.
Целта беше Скопје.
Да можеме да го видиме понекогаш.
Третиот ден, по повеќе од десет повици, Мери рече:
„Оваа – Даниела“.
„Кога му ги видов очите, знаев, мора да е мој. Колку јас му требам нему, толку и тој ми треба мене“, ми рече Даниела.

Мал проблем.
Даниела живее во Словачка.
„Нема проблем. Ќе дојдеме да си го земеме“, ми рече.
Поразговаравме и се договоривме, ако го почнеме процесот за негово мигрирање
„нема назад“.
Но, нова пречка. Редовната вакцина против беснило која ја доцнеше еден месец.
Ја средивме.
Следеа 20 дена секојдневна рутина.
Дојди си од работа.
Оди во Пржино кај Вокси.
Двор.
Трчање.
Храна.
Вода.
Кога Даниела дојде во Македонија, врнеше. Истураше.
Иако не се познававме, ми го даде автомобилот – веројатно од љубов кон Вокси – да го однесам кај ветеринар. Успеав да стигнам до 17 часот.
Документи? Средени во 17:40.
Груминг? Закажан во 18. Спа-третман.
Додека Вокси уживаше во топла вода, јас и Даниела пиевме виски во „Че“.
Горди.
Мирни.
Среќни.
Денес, Вокси живее во Словачка.

Со нов пријател – мачорот Фабио.
Си пишуваме со Даниела.
Си праќаме фотографии.

Последната?
Вокси гледа елени и срни во шума.
Јас, небаре дете сум пратил на екскурзија и драго ми е како си поминува.
Сѐ уште ја чекам онаа – како тој и Фабио спијат свиени еден до друг.
Блузерот и сопругата се децидни – еден ден сите ќе одиме во Словачка.
Ем како туристи, ем да го видиме возрасниот Вокс.