(ВИДЕО) Жиле – една од епизодите по кои ќе го паметам моето постоење
Сѐ уште личи како да било вчера кога во животот ми влезе Жиле и стана една од оние епизоди за кои, ако некогаш, пред крајот на животот, некој ме праша – по што ќе го паметиш твоето постоење, како една од нив ќе го набројам токму него. Жиле – првото куче од Македонија кое почна да оди со помош на инвалидска количка, планинското куче кое одби да се предаде и заврши во Пенсилванија, каде што буквално го смени и спаси животот на едно тогаш 6-годишно девојче по име Морган, кое секојдневно живееше во стравови.
Тоа беше во 2013 година. И по речиси 12 години, има луѓе кои ќе ме сретнат и ме прашуваат – ти си Мери на Жиле, нели? Со гордост велам, да. И срцето ми се полни кога знам дека едно куче сплоти стотици луѓе од различни страни на светов, луѓе кои донираа пари за да се оствари долгото патување од Македонија до САД, луѓе кои секојдневно доаѓаа во ординацијата кај д-р Марин Величковски за да го видат, да се понудат за помош и луѓе кои со својата добрина и хуманост не дозволија да заврши нечиј живот само поради тоа што кучето не можеше да ги движи задните екстремитети.
Приказната за Жиле е лекција за хуманоста. Лекција која секогаш ќе ми дава надеж дека нѐ има. Нѐ има луѓе.

Жиле проживеа 6 години со прекрасното семејство Хамон во Пенсилванија. Тоа е долг животен век за куче со парализа на задните екстремитети како последица на куршум кој еден нечовек го испука во неговиот рбет, на Попова Шапка. Оттогаш, тој ја загуби довербата во луѓето, но мене не ме заборави. Две години пред да биде еутанизиран поради сериозно влошена здравствена состојба, имав прилика да го посетам во Пенсилванија и таа средба ќе ја паметам додека сум жива. Огромното куче застана до мене, додека мене ми течеа солзи по образите. Во првата минута не ми го позна гласот. Потоа дојде и ме помириса. Тоа беше клучниот момент. Наеднаш легна на земјата, почна да се препелка и да испушта звуци како да е некое папагалче, а не куче од над 40 килограми. Останатото ми е матно, само знам дека липав. Сите денови додека бев во Пенсилванија, тој спиеше до мојот кревет.
Не ме заборави. Ниту јас него.

Неговата приказна е олицетворена во краток документарен филм кој го снимивме со мојот покоен колега Саше Димовски пред заминувањето на Жиле во САД. Меѓу живите не се ниту Анастасија Мухиќ, ниту Ристе Гиовски кои се дел од документарниот филм, но нивните подадени раце остануваат да говорат за хуманите дела што ги направиле додека биле на оваа планета. Токму затоа, сторијата на Жиле го има и клучното место на овој портал – да сведочи за добрината. За злобата веќе знаеме, но често треба да се присетуваме дека тука е и противтежата, која секогаш ќе нѐ потсетува дека можеме да бидеме подобри.