Skip to main content

(ВИДЕО) Снимен човек кој фрла 5 мали кутриња во Аеродром – не давам 100 евра за стерилизација!

21.02.2026
Мери Јордановска
(ВИДЕО) Снимен човек кој фрла 5 мали кутриња во Аеродром – не давам 100 евра за стерилизација!

Додека Скопје и сите останати општини буквално се преплавени од бездомни кучиња за кои сериозно реагираат граѓаните, Општина Аеродром вчера доби 5 нови бездомни кучиња. Не кучиња кои дошле од депонии, туку кутриња не постари од два месеца оставени од човек чија кучка се породила во неговиот двор.

За тоа дека мали кучиња редовно се оставаат низ сите општини во земјава веќе одамна се знае, исто како што се знае и дека на овој начин само расте бездомната популација животни по улиците, а одговорноста изостанува. Петс.мк објавува ексклузивна снимка што ни ја испратија наши читатели, каде што се слуша разговор меѓу жители на Ново Лисиче и човек кој ги остава малите кутриња на тревник, на прометно место, пред станбена зграда.

На барање на луѓето кои ја направиле снимката, гласовите се изменети, а ликот на човекот што ги остава кутрињата е заматен. Според снимката, човекот вчера изутрина оставил 4 мали кутриња во веќе постоечка куќичка за маалски миленици. Вечерта се вратил повторно, заедно со мајката на кучињата, носејќи уште едно, петто куче, кое вели дека го заборавил зошто било со мајката.

На прашањето на жената зошто не ја стерилизирал кучката, човекот одговара:
„Што ќе ја стерилизирам, јас сум под кирија таму, ќе давам 100 евра“.
„Како ги оставате, кој ќе ги гледа тука?“, прашуваат станарите.
„Па еве ти ќе ги гледаш“, одговара тој.
„Земете си ги дома кучињата, кучката е ваша“, вели жената.
„Епа така рече газдарицата, е сега што, кучкарник ќе правиме, абе ајде“, вели човекот.

На прашањето зошто не ја однел во ЈП Лајка на стерилизација, тој одговара дека се јавувал, но не можеле да ја фатат кучката и дека тој нема како да ја однесе. Тој додава дека иако ги оставил, сепак ќе се грижи за нив.

„Еве, тука ќе си лежат. Јас ги донесов, што да им правам? Јас сум под кирија, не ми даваат“, вели човекот.
„Земете си ги дома, ќе ги згази кола, децата ги разнесуваат“, му велат станарите.
„Ама ќе си лежат тие тука“, упорен е човекот.

Во меѓувреме, жителите успеале да најдат дом за едно од кутрињата, а во прилог објавуваме фотографии од останатите четири исфрлени кутриња на кои им се бара дом. Целиот терет за исфрлените кучиња сега паѓа на грбот на одговорните жители од населбата. 

1

Image 1 of 4

Овој пример е само еден, од стотици, со кои секојдневно се соочува Скопје и останатите општини. „Анима Мунди“ неодамна повторно го отвори прашањето за тоа дека напуштањето миленици треба да стане кривично дело во Македонија.

Дел од градоначалниците веќе започнаа со првични проекти за справување со бездомните кучиња, но за законски одговорности засега воопшто не се разговара. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеоргиевски, иако го најави како еден од приоритетите, и по 100 дена од доаѓањето на функцијата, воопшто се нема изјаснето како планира да се справи со овој проблем.

Неодговорното сопствеништво (нечипирање, напуштање и неконтролирано парење на милениците) е причина број 1 за прекумерната популација бездомни животни во Македонија. 

Сподели ја оваа приказна:

Слични приказни

Сподели ја твојата приказна

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати приказна