Камери уловија мајка и младенче рисови на Шар Планина
Мајка рис и нејзиното младенче се снимени од трап камерите поставени на Шар Планина. На снимката се гледа дека двете единки се во одлична здравствена состојба. Мајката чекори пред своето младенче кое само на краток момент застанува пред камерата која ја постви тимот на Националниот парк „Шар Планина“. Неколку секунди кои се доволни за огромна радост на вработените кои прославија со мекици. Мајката го доби името Сибел, а за младенчето допрво ќе се договорат вработените.
„Имаме принова – ново мало рисче! На една од нашите трап-камери забележавме мајка рис со малечко, и двете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од 1 на 3 единки! По успехот минатата година, кога првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денес со огромна радост објавуваме дека и мајка со младенче е регистрирана на територија на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на нашиот тим.А најубавиот дел? Колегата кој ја регистрираше снимката ја доби честа да ѝ го даде името – мајката ја именувавме Сибел“, стои на официјалната страна на НП Шар Планина на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Балканскиот рис е територијално животно – секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 квадратни километри, што значи дека на Шар Планина може да се очекуваат многу мал број стабилни единки, но секој новопотврден рис е огромен чекор напред за видот. Храната на рисот главно се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови кои се дел од шумскиот екосистем. Популациите на неговиот плен на Шара полека но стабилно растат, што создава подобри услови за опстанок на рисот.
Балканскиот рис е национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари. Рисот спаѓа во строго заштитена категорија на животни, а се проценува дека во Македонија има останато околу сто единки.