Шар Планина побогата за уште два балкански риса
Уште две единки на реткиот вид на балкански рис утрово се регистрирани на падините на Шар Планина. Со ова, вкупната документирана полулација на балкански рисови на планина за само неколку месеци се искачи на пет единки откако во декември беа забележани мајка и нејзиното младенче.

Двата риса ги „уловија“ поставените трап камери во реонот на Општина Врапчиште, соопштија од управата на националниот парк Шар Планина.
„На нашите трап-камери, на територијата на паркот, неодамна се регистрирани две нови единки од балкански рис. Истите се забележани при вршење на редовен мониторинг, на делот од територијата кој административно припаѓа на Општина Врапчиште. Со ова, бројот на идентификувани единки од рис се зголемува од три на пет. Двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина“, стои во објавата на страницата на Националниот парк Шар Планина на социјалната мрежа „Фејсбук“.
На почетокот на декември трап камерите ги снимија мајката со нејзиното младенче во реонот на Општина Боговиње. Тогаш вработените прославија со мекици а мајката го доби името Сибел. Радоста кај вработените во националниот парк беше огромна бидејќи дотогаш на Шар Планина имаше само еден примерок на балканскиот рис.

Балканскиот рис е територијално животно – секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 квадратни километри, што значи дека на Шар Планина може да се очекуваат многу мал број стабилни единки, но секоја нова потврдена единка е огромен чекор напред за видот.
Храната на рисот главно се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови кои се дел од шумскиот екосистем. Популациите на неговиот плен на Шара полека но стабилно растат, што создава подобри услови за опстанок на рисот.
За жал, пред дваесетина дена еден примерок на балканскиот рис угина откако беше прегазен на регионалниот пат Охрид – Ресен.
Балканскиот рис е национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари. Рисот спаѓа во строго заштитена категорија на животни, а се проценува дека во Македонија има останато околу сто единки.