Skip to main content

Настанот „Еко трампа“ со посебно катче за милениците: Не фрлај – подари

09.04.2026
Петс.мк
Настанот „Еко трампа“ со посебно катче за милениците: Не фрлај – подари

Грижата за милениците не завршува со љубовта – таа вклучува и одговорно користење на ресурсите. Токму затоа, третата Еко трампа „На ти го, дај ми го“, која ќе се одржи на 18 април во Лабораториум со почеток од 12 часот, годинава става акцент и на нашите четириножни пријатели.

Покрај размената на облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети, годинава ќе биде отворено и специјално катче за миленици, каде што граѓаните ќе можат да донесат и разменат поводници, играчки, садови за храна, лежалки и други употребливи работи што нивните миленици веќе не ги користат.

Концептот останува едноставен – секој учесник може да донесе до три предмети, а да си замине со онолку колку што му се потребни. Но, овојпат размената добива и дополнителна вредност: наместо предметите за миленици да завршат заборавени или фрлени, тие можат да најдат нов дом и повторно да бидат дел од нечија грижа.

Иницијативата доаѓа како одговор на растечката свест дека одговорното сопствеништво значи и одржливост – помалку отпад, повеќе повторна употреба и повеќе солидарност меѓу луѓето кои ги сакаат животните.

Организаторите, невладината организација Еко-свест, ги повикува сите љубители на миленици, но и сите граѓани, да се вклучат во оваа иницијатива, да споделат нешто што повеќе не им е потребно и да помогнат предметите да продолжат да служат таму каде што се најпотребни.