Љиљана – симболот на првиот здив на Петс.мк
Во септември 2021 година беше поминато многу кратко време откако плодот што го носев снема срцева акција. Не беше првпат да се соочувам со такво искуство, но мачнината, тагата, солзите, мислите беа исти, овојпат можеби и пострашни. Барав смисла, барав одговори, но изостануваа. Барем јас не ги добивав, на начинот на кој сакав – егзактни.
И тогаш едно мало суштество од околу 200 грама ми покажа дека не мора секогаш да добиеме егзактни и научно потврдени одговори на сѐ. Дека некогаш, работите едноставно се случуваат.
Во периодот на тој хаотичен мозочен хаос, на Фејсбук видов објава од извесна Билјана Галабова. Бараше помош за три мали кутриња во Кавадарци кои ги видела како цицаат од мртвата мајка, исфрлена пред контејнер. Видеото ми го парализираше телото.

Тие не знаеја дека нивната мајка е мртва. Бараа храна, бараа заштита. Беше прашање на часови колку ќе издржат. Сѐ уште не можам да опишам како и зошто, но во истата секунда пишав – ајде да се поделиме, секој нека земе по едно. Никој друг не се јави, па одлучивме таа да земе едно, а јас две.
Билјана Галабова, жената која веќе не е меѓу нас, дента одеше на Клиниката за онкологија во Скопје. За тоа дознав подоцна – дека карциномот ѝ се вратил и дека борбата токму тој ден почнува одново. Исто како што почнуваше и борбата за живот на една сестричка и две братчиња. Храбрата жена од Кавадарци не се колебаше пред да тргне низ здравствените лавиринти, прво да застане кај нас пред зграда за да ни ги донесе двете кутриња. Го паметам моментот кога ја отвори вратата од автомобилот. Брзаше, беше вознемирена. Кутрињата беа колку еден прст, а добро паметам дека на кафеавото му поминуваше болва преку малото кревко тело, кое ми беше страв дури и да го допрам, за да не го повредам.
„Тешко дека ќе преживеат“, ѝ реков.
„Но, секогаш вреди да се обидеме, нели, како јас денеска“, ми возврати таа со блага насмевка. Тогаш знаев дека коментарот не се однесува само на кутрињата и во тој момент таа жена ја засакав засекогаш.

Билјана прв и последен пат ја видов тогаш. Но, нашите долги разговори, нејзината љубов кон животните, советите што ми ги даваше, блискоста што ја делевме, за мене беа богатство. Сѐ додека не добив порака од нејзината ќерка: „Мери, мајка ми често ве спомнуваше, па сакав да ве известам…“
Знаев што ќе ми каже.

Сето ова ме натера да мислам дека можеби не можев ништо да направам за да го задржам плодот, но дека по некаква случајност, добив можност да помогнам да преживеат две кревки суштества кои така борбено се мачеа да ја исцицаат и последната капка млеко, надеж, од нивната мртва мајка.
Беа премали дури и за најмалата цуцла за кучиња што се продава кај нас. На Youtube најдов видео, туториал за тоа како да се хранат толку мали кутриња – со сунѓерче за нанесување пудра, кое се сече на триаголници и им се става млеко, капка по капка. Кучето од видеото се викаше Лили. И преживеа. Така го доби името и преживеа и наша Лили (подоцна го доби и култното име Љиљана), а и нејзиното братче Џо.
Сунѓерче за пудра оттогаш веќе не користам, претпоставувате зошто. Но, секако можам да напишам докторска дисертација за нивната употреба за други цели.
Љиљана ја огласив за вдомување само еднаш и веднаш се премислив. Си беше наша, веројатно уште од моментот кога се отвори вратата од автомобилот на Билјана. Нејзиното братче Џо повеќе од три години живееше најубав живот со мојот пријател, мојата генерација, човек со преширока душа за животните, Слободан Трендов, кој на почетокот на годинава прерано ја загуби битката со најтешката болест. Вториот дом на Џо сега e кај мојата најблиска пријателка која во себе носи цел свет љубов за животните, но и за луѓето – Тамара Чаусидис, жена за која можам да напишам книга, но никако не можам да склопам само една кратка реченица како воведен текст, што доволно зборува за мојата љубов кон неа.
Третото кутре, кое никогаш не го видов, ја немаше таа среќа – умре три дена откако беше најдено. Но, затоа, овие борци, ден по ден, аларм по аларм на секои 2-3 часа, сѐ повеќе даваа надеж дека ќе преживеат. А јас сѐ помалку сакав да се одвојам од нив и да пропуштам да гледам како ќе се развиваат. Оти инаку немаше да знам дека Џо обожава банани, а Љиљана не сака да ги помириса. Дека двајцата имаат опсесивна љубов кон топки. Дека Љиљана мрази дожд. Дека Џо обожава да гледа телевизија кога има програма за животни.

За некого можеби ќе звучи чудно, но јас сите насобрани чувства, кои веројатно ќе беа преточени во бес, тага, немоќ, ги насочив за да ги спасам Љиљана и Џо. Не дека тие претставуваа утеха за загубата, туку ме научија на сосема друг концепт на справување со тагата. И затоа, кога ќе ми речат, сте ја спасиле, велам – не. Ние се спасивме меѓусебно.
Затоа, Љиљана, заедно со Џо, се симболот на овој портал – симбол кој укажува на хуманост, љубов, емпатија, помагање и подобро разбирање на врската меѓу луѓето и животните.

За оние за кои Лили е „само една џукела“ – преку едукативни, научни текстови ќе се обидеме да ви докажеме дека всушност станува збор за симбиоза меѓу човекот и неговите четириножни пријатели, која би можела да го направи човештвото подобро и похумано – оти не сме сами на овој свет.
За оние кои разбираат што е Љиљана – ќе се обидеме да ви ги дадеме најдобрите совети преку нашите партнерства со докажани експерти, за да знаете како да се грижите за вашиот миленик.
А за сите граѓани – ќе се обидеме да добијат најобјективни и проверени новости од светот на милениците, бидејќи сакале или не, тие се дел од нашиот свет. И тука се со причина, нема и не треба да ги искорениме. Можеме само да направиме да е подобро за нив и за нас.

Лили има причина зошто е тука. Јас и Огнен ја знаеме причината. Така е и со секое куче или маче што го гледате зад аголот на вашата зграда, на улица, на објави на социјални мрежи. Зад секое од нив има по некоја ваква приказна, каде се испреплетени човечки животи и постапки, некогаш хумани, некогаш крајно нехумани.
Ние, растејќи го Pets.mk, нема да правиме разлика меѓу расни и нерасни. Нема да апелираме да не купувате. Нема да судиме никому, сѐ додека нечии акции не штетат никому. Ние ќе ги раскажуваме приказните во ваше име. И будно ќе ја следиме работата на институциите, оти сметаме дека ова наше општество заслужува едуцирани граѓани, казнени одредби, одговорни сопственици и нула кучиња по улиците кои настануваат како последица на човечката суровост.
Оти, да бидеме искрени – не секој заслужува една Љиљана. Ниту пак еден Џо.
