(ИНФОГРАФИК) Прирачник за секој сопственик на куче – календар за вакцинација, прочистување и чипирање
Кога во домот доаѓа куче, со него не доаѓа само радост и љубов, туку и одговорност. Одговорност кон неговото здравје, но и кон безбедноста на другите животни и луѓето со кои ќе доаѓа во контакт. Редовната вакцинација, заштитата од паразити и законското чипирање не се формалност, туку основа за здрав и безбеден живот на секое куче. Со навремена и правилна грижа, сопствениците не само што го штитат својот миленик од сериозни и често смртоносни болести, туку придонесуваат и кон јавното здравје и одговорното сопствеништво.
Овој календар ги содржи најважните информации што секој сопственик треба да ги знае уште од првиот ден кога зема миленик.

ВАКЦИНАЦИЈА
Прва вакцина: 40 дена по раѓањето
Втора вакцина: 21 ден по примањето на првата вакцина
Трета вакцина: 21 ден по примањето на втората вакцина
Откако ќе ги прими првите три вакцини, кучето во иднина ќе треба да прима вакцина против заразни болести еднаш годишно, исто како и вакцина против беснило.
• Вакцината штити од сериозни заразни болести кои водат до смрт кај кучињата – штенечак, хепатитис, парвовироза, параинфлуенца, лептоспироза, коронавирусен ентеритис.
• Најмалку две недели по примањето на втората вакцина (а пожелно е и до примањето на третата вакцина) кучето не смее да излегува надвор и да има контакт со невакцинирани животни, бидејќи тогаш се гради неговиот имунитет.
ПРОЧИСТУВАЊЕ ОД ПАРАЗИТИ
• Во првите 6 месеци од раѓањето, кучето се прочистува од глисти најмалку еднаш месечно, со совет од ветеринар.
• По шестиот месец кучето се прочистува еднаш на 2-3 месеци.
• Апче за прочистување (Дронтал, Милпразон, Дехинел) се продава во секоја ветеринарна амбулантна или ветеринарна аптека и се дава според препораката на ветеринарот, зависно од тежината на кучето. Пожелно е дома да имате 2-3 резервни апчиња за прочистување.
ЗАШТИТА ОД КРЛЕЖИ, БОЛВИ
• Ампула за заштита од крлежи и болви на кучето му се става еднаш месечно (особено во летниот период), најчесто откако ќе наполни 3 месеци, но постојат и ампули кои можат да се нанесат и 8 недели по раѓањето на кучето.
• Ефикасна заштита се и каивчињата што го штитат кучето од болви, крлежи и комарци во период од 6-8 месеци.
ЧИПИРАЊЕ
Законски е задолжително кучето да се чипира кога ќе наполни 4 месеци или откако ќе ги прими првите 3 вакцини. Чипирањето може да се изврши и порано, особено доколку кучето се продава/вдомува и оди кај нов сопственик.
Чипот на кучето е еден вид „лична карта“, односно ако се изгуби, лесно може да се пронајдат податоци за сопствеништвото преку читач за чипови. Истовремено, кога се става чипот, кучето се вакцинира против беснило и со тоа добива пасош со кој може и да патува во други држави. Вакцина против беснило се става еднаш годишно.
Текстот е одобрен и рецензиран од страна на д-р Данче Грујевска, ветеринарна амбуланта „Сити Вет“