Седум прашања што треба да ги одговорите пред да земете куче
Кучето не е играчка – тоа е живо суштество кое има потреби, чувства и трајна поврзаност со вас. Кучињата чувствуваат радост, страв, безбедност, љубов, тага, исто како и луѓето. За тоа говорат и нивните експресии, однесувањето, говорот на телото, погледот. Кучето не е нешто што го земате како играчка за вашите деца или за одреден период – земате живо суштество чиј свет ќе бидете само вие.
Оттаму, пред да се одлучите да направите чекор и да вдомите или да купите куче, пожелно е искрено да одговорите на следниве прашања, а доколку навистина сакате миленик, да најдете алтернативи за она што не можете да го направите сами:
1. Имам ли доволно време и можности?

- Можам ли секојдневно да одвојам време за прошетки (најмалку 2-3)?
- Ќе имам ли трпение за евентуална дресура, игра и грижа за здравјето на кучето?
- Што ќе правам со кучето кога ќе одам на одмор или патување?
- Доколку земам мало кутре, дали сум во можност во првите месеци да врши нужда внатре, на водоотпорна подлога, а потоа да чистам, па дури по примањето на третата вакцина да го учам да врши нужда надвор?
2. Имам ли финансиска можност?

Дали можам да си дозволам:
- Храна (секој месец)
- Ветеринарни трошоци (редовни прегледи, вакцини, неочекувани болести),
- Додатоци (околувратник, поводник, легло, играчки, шампони),
- Стерилизација/кастрација?
3. Какво е моето живеалиште?

- Стан или куќа? Под кирија сум или имам сопствено живеалиште?
- Дали има место каде што кучето ќе може да се движи, одмара и игра?
- Дали соседите или сопственикот на станот (доколку сте под кирија) ќе имаат проблем доколку имате куче?
4. Дали целото семејство е подготвено?

- Дали сите членови на домаќинството се согласуваат и сакаат миленик?
- Има ли мали деца или луѓе со алергии во домот?
5. Знам ли која раса (или мешанец) ми одговара?

- Сакам ли активно, енергично куче? Или помирно? Сакам помала или поголема раса?
- Имам ли искуство со кучиња или ова ќе ми биде прво?
- Знам ли кои се карактеристиките и потребите на расата што ја сакам?
6. Причини за вдомување/купување?

- Зошто всушност сакам куче – за друштво, за безбедност, за дете?
- Ако е само поради моето дете, дали сум свесен/свесна дека одговорноста за негова грижа сепак ќе падне врз мене?
7. Сум размислувал/а ли на долгорочната одговорност?

- Кучето живее 10–15 години. Дали сум подготвен/а на оваа долготрајна обврска?
- Што ќе правам ако ми се смени животната ситуација – нова работа, преселба, дете?
Ако одговорите „да“ на повеќето од овие прашања, тогаш сте на добар пат да станете одговорен сопственик!
Но, ако поголемиот број одговори се „не“ или „не знам“, можеби е подобро да почекате пред да ја донесете финалната одлука.