Коските се за куче? Не баш…
Сите сме ја виделе таа сцена од цртаните филмови – куче со коска во устата, весело копа дупка во дворот и си ја крие „најголемата награда“. Но реалноста е многу поразлична.
Иако идејата дека кучето треба да џвака коски звучи сосема природно, вистината е дека коските можат да бидат опасни, па дури и фатални за нашите крзнени пријатели.
Според Американската администрација за храна и лекови (FDA), митот за „коската како идеална грицка“ е еден од најризичните за здравјето на кучињата.
Но, зошто токму коските се толку проблематични? Ајде да разбиеме неколку митови и да видиме што сѐ може да тргне наопаку:
Скршени заби
Коските се тврди. Премногу тврди. Често доволно тврди да предизвикаат пукање на забите за џвакање кај кучето. Освен што е болно, ова е и скап ветеринарен проблем кој бара стоматолошки третман, па и хирургија.
Повреди на устата и на јазикот
Острите рабови на скршени коски се како жилети. Можат да го исечат јазикот, непцата или внатрешноста на образите на кучето. Тоа не е само болно, туку може да се создаде инфекција и дополнителна траума.
Заглавување во вилица
Звучи чудно, но да, тркалезните коски можат да се „закачат“ зад долните заби и да се заглават околу вилицата. Во вакви случаи, најчесто потребна е анестезија и хируршка интервенција за отстранување.
Задушување
Парче коска може да се заглави во грлото, душникот или хранопроводот. Тоа може да ја попречи способноста на кучето да дише и претставува итна состојба што бара и итна ветеринарна помош.
Повреди на желудникот и на цревата
Коските што не направиле проблем во устата, често се опасни кога ќе се најдат во стомакот. Тие можат да ги изгребат или дури и пробијат ѕидовите на желудникот или цревата. Ова води до перитонитис – сериозна и потенцијално смртоносна инфекција на абдоминалната празнина.
Заглавување во желудникот
Големи коскени фрагменти можат да останат заробени во желудникот и да предизвикаат хронично повраќање, гадење и болка. Единствен излез? Хирургија или ендоскопско отстранување.
Опструкција на цревата
Парчиња коска можат да создадат целосна блокада во тенкото или дебелото црево. Ова не само што предизвикува болка, туку може да биде и животно загрозувачка состојба која бара операција.
А ако стигнат до дебелото црево, следува запек, болни обиди за празнење и потреба од клизми или мануелно отстранување на остатоци. Уште мислите дека коските се добра идеја?
Ризик од патогени
Суровите коски често се носители на бактерии како E. coli, Salmonella или Listeria. Дури и ако вашето куче не покаже симптоми, овие патогени може да се пренесат и на луѓето – особено на деца или постари членови на домаќинството.
Што е замената за коска?
Ако сакате да му дадете на вашето куче нешто за грицкање, постојат специјализирани ветеринарно-одобрени играчки и хранливи грицки кои се безбедни, вкусни и добри за забите.
Вашето куче ќе биде еднакво среќно, а вие ќе бидете мирни.
Џвакањето е природен инстинкт, но изборот што му го давате на кучето треба да биде безбеден. Изберете одговорно.
Текстот е одобрен и рецензиран од страна на д-р Данче Грујевска, ветеринарна амбуланта „Сити Вет“