Skip to main content

Прегазен балкански рис на патот Ресен-Охрид

24.02.2026
Петс.мк
Прегазен балкански рис на патот Ресен-Охрид
Фото: МЕД

По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска e констатирано дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид, информаше Македонското еколошко друштво (МЕД). Според првичните информации, рисот угинал по удар од возило. 

Според МЕД, постојат уште само педесетина единки на балканскиот рис, што го прави ендемски вид животно.

Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција.

„Ваквите случаи се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, потенцираат од МЕД.

Балканскиот рис е рангиран како критично загрозено животно и ендем од Југоисточен Балкан. Главните упоришта на рисот се Националниот парк „Маврово“ и неговата околина во Македонија, и Планината Мунела и регионот Полис-Валамара во Албанија. Единки од рис се забележани и во Косово, а постои можност тој да е присутен и во Црна Гора и Грција. Се проценува дека популацијата брои помалку од 50 возрасни единки, чијшто опсег изнесува 6200 квадратни километри.

Слични вести

Сподели ги твоите вести

Имаш интересна приказна за твојот миленик? Сподели ја со нашата заедница!

Испрати вест