Расадникот денеска личеше на мртовечница – угинаа и домашни и маалски миленици како последица на отров
Ова е Дина. Осумгодишен шнауцер. Секогаш нога до нога со неjзиниот газда, Душко. Член на нивното семејство. Денеска Дина си замина за само неколку минути. Од пред влез, кога ја изеде саламата испрскана со отров, издржа само во лифтот, за да си умре дома за неколку минути.

Сум сведочела на многу настани, но мислам дека еден од пострашните е да гледаш како на глас плачат возрасни луѓе. Оти некој решил дека нивниот миленик не заслужува да живее. Оти некој не знае што значи љубов кон миленик. Оти некој зел саламчиња, ги сецкал, ги прскал со отров кој патем е забранет за употреба, и решил да ги расфрли низ целата населба Расадник во Кисела Вода.

Денеска си замина и уште едно домашно милениче – мешанче, спасено од улица. Од рацете на истиот човек. За само пет минути. Нејзината газдарица, додека се гушеше во солзи, ни раскажа дека не успеала да го спаси нејзиното куче, ама успеала да спаси едно бездомно – нашиот Медо кој тргнал кон второто парче салама, но таа во последната секунда му ја зела.
„Го спасив Медо, но моето не успеав“, на глас плачеше жената.
На само стотина метри, денеска имаше уште еден леш. Бездомно кутре. Трагите од измет и течности што ги исфрлало додека се борело за живот сведочат за маките низ кои поминувало додека умирало. Во негова близина, уште едно. Со крв на уста. Во негова близина, мачка. Понатаму, уште една мачка. Некои од уличните кучиња ги нема.
Денеска, Расадникот личеше на мртовечница. Лешови насекаде. Куртули само едно домашно милениче, малата Кара. Беше преплашена кога ја видовме. Газдите забележале дека е затруена и во истиот момент ѝ ставиле атропин. Ова е малиот преживеан херој од денешниот траорен настан:

Најстрашно од сѐ, до истиот влез каде што се случи труењето има детска продавница. И детско игралиште. Отровот ланате, забранет за продажба во земјава, е токсичен само и доколку се вдише. Еден грам убива човек од 70 килограми.

Не знаеме кој го сторил ова. Се надевам дека надзорните камери ќе покажат. И дека еднаш некој ќе одговара за ова злодело – кривично дело казниво според Кривичниот законик.

Полицијата изврши увид, ќе се гледаат и надзорните камери. Но, луѓето веќе загубија член на семејството, нешто што многумина можеби не можат да го разберат.
И се прашувам, дали овој монструм што го сторил ова, смета дека сега го решил проблемот со кучињата во Скопје? Со угинати домашни миленичиња, мачки и бездомни кучиња кои беа најмирни, дури незабележителни? Дали откако го расфрлил отровот си легнал задоволен, не мислејќи дека сега со страв, со невиден страв ќе ги шетаме нашите миленици, но и родителите нивните деца, оти отровот е буквално распослан низ целата населба?
Ова е кривично дело. А кривичните дела треба да се санкционираат, нели? А кај нас не е санкционирано ниту едно вакво дело. И време е надлежните да преземат многу посериозни чекори и да сфаќаат дека овие дела засегаат огромен број граѓани. Бидејќи сакаме да се чувствуваме сигурни.
Ова не е начинот за справување со проблемот. Оти домашните кучиња и мирните маалски миленици не се проблемот. Сѐ што направи овој монструм денеска е помор, глетка што не смее да биде призорот на Скопје, а воедно направи и многу луѓе тажни и несреќни, оти загубија дел од нивните семејства.