Skip to main content

Се трасира патот за отворање гробишта за домашни миленици

29.01.2026
Петс.мк
Се трасира патот за отворање гробишта за домашни миленици
Фото: Canva Pro

Се трасира патот за решавање на деценискиот проблем со непостоењето на гробишта за домашни миленици. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопштија дека добиле „зелено светло“ од Mинистерството за локална самоуправа, ЗЕЛС и Град Скопје.

АХВ треба да ги подготви законските измени а општините треба да предложат локации за изградба на гробишта. Ова е договорено на состанокот на директорот на АХВ Оливер Миланов, министерот за локална самоуправа Златко Перински и претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС ѝ даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на проблемот и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините“, информираше директорот на АХВ Оливер Миланов.

Фото: АХВ

Од АХВ информираат дека градоначалникот Ѓорѓиевски на средбата го потенцирал како следен чекор дефинирање на локации во општините за изградба на гробиштата за миленици и планирање на инфраструктурата која треба да се изгради, за тие целосно да можат да се стават во функција на граѓаните.

„Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија“, гласи ставот на министерот Перински.

Фото: Freepik

Останува да се види дали идејата ќе има реализација и сопствениците на домашни миленици конечно ќе добијат соодветно место за нивно згрижување по нивната смрт. Гробишта за миленици е честа пракса во светот, а во регионот постојат во Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија и Романија.