АХВ го затвори пансионот за кучиња „Ав ав“ поради можен опасен смртоносен вирус
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го затвори пансионот за кучиња „Ав ав хепи дог“ во скопската населба Бардовци, по добиени пријави дека во објектот можно е да циркулира вирусот парвовироза. Од АХВ потврдија дека е издадена временска забрана за работа, која ќе остане на сила сè додека трае вонредниот инспекциски надзор и не се утврди здравствениот статус на кучињата што престојувале таму.
„Напоменуваме дека со постоечките закони за здравствена заштита и за благосостојба на животните правно не е регулирана работата на пансиони и хотели за домашни миленици односно АХВ не ги регистрира или одобрува. АХВ во моментов постапува исклучиво од аспект на здравствена заштита и спречување на ширење на заразни болести кај животните. Во новата законска регулатива за здравствена заштита и благосостојба на животните која е во финална фаза на подготовка, регулирано ќе биде и ова прашање, односно пансионите за кучиња ќе треба да исполнуваат одредени услови и да бидат одобрени од АХВ“, информираа од институцијата.
Оттаму апелираат сопствениците на кучиња да бидат одговорни и нивните кучиња да бидат микрочипирани, податоците внесени во Информативниот систем на АХВ, да поседуваат валиден пасош за својот миленик, кучињата да бидат вакцинирани за да се заштитат од заразни болести како и редовно да бидат третирани со средства за екто и ендо паразити.
„Ми го убивте кучето“
Случајот со парвовироза во пансионот за кучиња доби голем одек во јавноста откако Ана Пејковска на социјалните мрежи објави дека нејзиното куче починало по престој во пансионот и дека било дијагностицирано со парвовироза. Таа тврди дека животното ѝ било вратено во многу лоша состојба и дека во пансионот има уште заразени кучиња. Пејковска објави и комуникации и сведоштва од други сопственици, кои наведуваат дека нивните миленици исто така се разболеле по престојот во истиот објект. Од пансионот, според сведоштвата, не известиле ниту еден од сопствениците на кучиња кои престојувале таму во моментот, дека е можно да има контаминација од парвовироза.

Дополнителни реакции предизвика и објава во која се тврди дека била на пракса во пансионот и опиша, како што наведе, лоши услови за згрижување на животните. На официјалната страница на пансионот се појавија низа коментари од корисници кои бараат објектот привремено да се затвори.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија уште две сведоштва од сопственици на кучиња кои тврдат дека кучињата ги однеле во „Ав ав“ здрави и весели, а си ги зеле болни и истоштени, и дека умреле неколку дена по престојот.
Од пансионот велат дека ги почитувале стандардите
По три дена молк, се огласи пансионот за кучиња „Ав ав хепи дог“. Управителката, Наде Богоевска, истакна дека актуелниот инспекциски надзор не се однесува на вирусот, туку на технички и административни аспекти на работењето.
„Целосно соработуваме со Агенцијата за храна и ветеринарство и ги почитуваме сите прописи. Ве молиме, избегнувајте шпекулации. Официјални информации ќе бидат соопштени од надлежните институции“, порача Богоевска, додавајќи дека пансионот нагласи дека работи според строги хигиенски стандарди и останува посветен на заштита на животните.
Што е парвориоза?
Парвовирусот е многу заразен и потенцијално смртоносен вирус кај кучињата. Симптомите на вирусот се повраќање, крвава дијареја и летаргија. Тој не е заразен за луѓето.
Парворусот се шири преку заразен измет или контаминирани површини (чинии, подови, поводници, раце), а може да преживее со месеци во околината.
Од ветеринарната амбуланта „Вет свет“ потенцираат дека хотелите и шелтерите за домашни миленици како и местата/паркови со голема циркулација на кучиња можат да бидат високоризични, особено за невакцинирани кученца.
Оттаму додаваат дека станува збор за отпорен вирус, кој преживува екстремна топлина и студ, а контаминирани површини можат да бидат измет, плунка, чинии, подови, опрема…
Клучна превенција од вирусот е вакцинацијата – возрасните кучиња мора да бидат целосно вакцинирани, а кученцата имаат потреба од серија вакцини и бустер вакцина.
„Избегнувајте да ги носите кученцата во хотели, салони за груминг и дневни престои додека не се целосно имунизирани. Користете само објекти за сместување: хотели, пансиони, дневни центри, кои бараат доказ за вакцинација од сите кучиња“, апелираат од Вет свет.