Починатите миленици повеќе нема да завршуваат на депонии, најавена е изградба на гробишта
Интензивно се работи на изградба на кафилерија во Македонија, но и на решавање на проблемот со немање гробишта за домашни миленици. До средината на 2026 година се очекува да бидат договорени основите и за кафилеријата и за гробиштата за миленици (локации, инфраструктура), по што треба да почне и реализацијата на терен.
Ова го изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов, во интервју за агенцијата МИА, кој рече дека досега повеќето миленичиња по смртта биле оставани од сопствениците на истите депонии каде што се фрла и отпадот. Во однос пак на кафилеријата, според Миланов, предлогот се разгледувал уште од 2019 година, но не била најдена и утврдена соодветна локација.
„Се разгледува и опцијата секоја општина да има прифатилиште за бездомни кучиња. Во текот на неделава ќе има состанок со министерот за локална самоуправа и ЗЕЛС. Досега повеќето миленичиња ги оставаа на истите депонии каде што се фрла и отпадот. Ќе се прават нови места, кои не се населени, надвор од урбаните средини и тоа ќе биде една од темите на состанокот – секоја општина, ако може, да има и прифатилиште и гробишта за миленици. Тоа ќе им биде укажано на градоначалниците“, изјави Миланов.
Во врска со кафилеријата, тој рече дека предлогот се разгледувал од 2019 година, но за шест години не се нашла соодветна локација, а советниците не дозволувале поради недоволна едукација на населението.
„Мислеа дека труповите ќе се горат како во фабрика и дека ќе мириса многу, а всушност, се работи за херметички затворен простор. Сега ќе се оди кон јавно-приватно партнерство. Најверојатно по празниците ќе се одржи состанок со министерот и советниците на премиерот за да се поразговара за истото. Има и најнов модел како во повеќето европски држави мобилна кафилерија која овозможува да се земе трупот, да се однесе на точно утврдена место и да се изгори“, изјави Миланов додавајќи дека кафилеријата е и еден од условите за преговорите со ЕУ.
Тој очекува до ова лето да бидат поставени темелите и да се почне и со кафилеријата и со гробиштата за миленици, а веќе е изготвен и Законот за здравствена заштита на животните со кој се опфатени и бездомните кучиња.
„Бездомните кучиња се голем проблем. Во Македонија ги има повеќе од 8 000. Одржани се многу состаноци со 11 невладини организации меѓу кои и „Анима мунди“ и „Лајка“ и усогласен е текстот. Ќе бидат предвидени казни за неодговорно сопствеништво, за водење куче без поводник на јавно место, особено големите „опасни“ раси. Ќе има и неколку трибини за новиот закон со граѓаните и со нашите инспектори од подрачните единици. Ќе бидат вклучени и ловечките друштва, ќе биде наравен напор законот да се донесе до крајот на оваа или почетокот на идната година“, потенцира директорот на АХВ.