Битолчанец спаси куче од студените води на реката Драгор
Го здогледа и без размислување влезе во реката Драгор за да му го спаси животот. На социјалните мрежи се шират сликите од несебичниот и хуман гест на битолчанецот Сашо Јосифовски кој, во вторникот навечер, од студените води извади куче кое можеше многу лесно да го загуби животот.
Користејќи специјална скала, без никаква опрема – со патики и тренерки, Јосифовски се спушти во коритото на Драгор за да го извлече кучето. Случајни минувачи успеаја да направат неколку фотографии и да ги споделат на социјалните мрежи пред херојот да си замине дома, тивко и неприметно како што дојде и го спаси кучето.
„И додека некои ги трујат кутрите животни, други докажуваат што значи да се биде човек и да се помогне на секое суштество кое има потреба од тоа. Овие луѓе се нашите битолски херои!“
„Не му беше ниту ладно ниту шубе дека ќе се напрат жива вода: Битолчани без двоумење ја покажаа својата човечност, спасија паднато кутре во водите на Драгор. Ова екипа не знајме кои се ама мора да ги ПОЗДРАВИМЕ“
Ова се само дел од реакциите на социјалната мрежа „Фејсбук“ .

Во Битола, Јосифовски важи за голем љубител на животните. „Сашо со догата“ е само еден од описите за него а сега се грижи за две овчарски кучиња од расата „кангал“.