Skip to main content

Стерилизација/кастрација: Најчести митови и оправдувања

03.12.2025
Петс.мк
Стерилизација/кастрација: Најчести митови и оправдувања
Фото: Pixabay

Честопати, луѓето одбиваат да ги стерилизираат своите миленици поради емоционални или културни предрасуди. Некои велат: „Нека роди еднаш, па потоа ќе ја стерилизирам“, или: „Тоа е против природата“. Но, природата е сурова, таа не нуди безбедност, ветеринарна грижа или храна. Кучињата и мачките се домашни животни, одгледани и зависни од човекот. Наша одговорност е да им обезбедиме квалитетен живот, не само можност за репродукција.

А аргументот дека стерилизацијата им „го одзема задоволството“ или „природната улога“ е проекција на човечки вредности врз животни кои не ја перцепираат репродукцијата како свесен избор. Всушност, еве ги најчестите митови или заблуди кои ги спречуваат сопствениците да донесат одговорна одлука. Време е да ги разобличиме:

„Женката треба барем еднаш да се окоти/омачи за да биде здрава/среќна“

Ова е можеби најраспространетата заблуда. Не постои апсолутно никаков медицински доказ кој го поткрепува ова тврдење. Напротив раната стерилизација носи огромни здравствени бенефити. Кај женските кучиња и мачки, стерилизацијата значително го намалува ризикот од рак на матката и млечните жлезди, како и од опасни инфекции како пиометра. Кај мажјаците, кастрацијата ги намалува агресивните однесувања поттикнати од хормони, како и ризикот од рак на тестисите и простатата. Во суштина, стерилизираните животни живеат подолг, поздрав и поспокоен живот. Воедно, антропоморфизирањето, односно прeпишувањето човечки емоции и потреби на животните во овој контекст, е погрешно и штетно. Животните не мечтаат за мајчинство на ист начин како луѓето; нивниот нагон е биолошки, не емоционален копнеж.

„Стерилизацијата е неприродна“

Да бидеме искрени, чувањето домашни миленици во урбана средина, хранењето со процесирана храна, вакцинирањето, сето тоа е  во одредена мерка – „неприродно“. Но, тоа го правиме за да им биде подобро. Во природната средина, стапката на смртност кај младенчињата е многу висока, а ресурсите се ограничени. Во нашите домови и градови, ние сме тие кои ја преземаме одговорноста за нив, а тоа вклучува и контрола на репродукцијата за да се спречи пренаселеност и страдање. Само една нестерилизирана мачка и нејзиното потомство можат да создадат повеќе од 60.000 мачиња во рок од 6 години. Кај кучињата, бројките се слично алармантни. Голем дел од уличните животни се всушност потомци на некогаш домашни миленици кои сопствениците ги избркале или им дозволиле да се размножуваат без контрола. Со секоја стерилизација се спречува страдањето на стотици животни кои во иднина никогаш нема да најдат дом. Затоа, стерилизацијата е најхуманиот, најевтиниот и најодржливиот начин за справување со популацијата на улични животни.

„Моето милениче ќе се здебели и ќе стане мрзеливо“ 

Вистина е дека метаболизмот може малку да се забави по стерилизацијата. Сепак, дебелината е резултат на прекумерно хранење и недостаток на физичка активност, а не на самата процедура. Со соодветна исхрана и редовна игра и прошетки, вашето милениче ќе остане витално и во добра форма.

„Стерилизацијата ќе му го смени карактерот“ 

Стерилизацијата може да ги намали несаканите однесувања поврзани со хормоните, како агресија или маркирање, но нема да ја смени суштинската личност на вашето милениче. Тоа сè уште ќе биде разиграно, љубопитно или приврзано, онакво какво што го познавате и го сакате.

„Процедурата е скапа“ 

Трошокот за стерилизација е инвестиција во здравјето на вашето милениче и во спречување на многу поголеми трошоци во иднина – лекување на пиометра, тумори, повреди здобиени при талкање, или грижа за несакано легло. Многу ветеринарни амбуланти и организации за заштита на животни нудат и кампањи со намалени цени.

А што е цената на еден живот спасен од страдање на улица?

 

Текстот е одобрен и рецензиран од страна на д-р Данче Грујевска, ветеринарна амбуланта „Сити Вет“

Сподели ја оваа приказна: