Словенија забрани трајно врзување кучиња на ланец
Целосна забрана за трајно врзување кучиња стапи на сила во Словенија. Сопствениците повеќе нема да смеат да ги држат кучињата на ланец, јаже или било каква друга форма на врзување што го ограничува нивното слободно движење, а законот предвидува казни од 1.000 до 1.600 евра за прекршување на забраната.
Забраната не се однесува на користење поводник при прошетки или движење на јавни места, бидејќи тоа е неопходно за контрола и за безбедност.
Во образложението на одлуката од страна на Управата за безбедност на храна, ветеринарство и заштита на растенијата стои дека кучињата што постојано се на ланец често се изложени на стрес, страдање и проблеми во однесувањето, може да предизвика повреди и дека таков начин на нивно чување го загрозува и нивното физичко и ментално здравје.
Оттаму нагласуваат дека истражувањата докажале дека трајното врзување има сериозни последици врз физичкото и психичкото здравје на кучињата и, нарушувања во однесувањето и зголемена чувствителност на екстремни температури.
Слична забрана постои и во Хрватска, но таа сè уште не се спроведува целосно во пракса. Според Законот за заштита на животните забрането е држење на куче трајно врзано или на простор што не му дозволува слободно движење.
Поединците кои ќе ја прекршат оваа одредба се казнуваат со парична казна од 2.600 до 6.600 евра, додека правните лица се казнуваат со парична казна од 2.000 до 4.000 евра.
И покрај законската забрана, во Хрватска сè уште е вообичаено кучињата, особено во руралните средини, целиот свој живот да го поминат на синџир.