Skip to main content

Обвинение за докторот од Македонија кој прегази куче во Софија

13.11.2025
Петс.мк
Обвинение за докторот од Македонија кој прегази куче во Софија
фото: Принт скрин

Докторот Ненад Цоневски, кој во Софија прегази маалско куче и замина без да му помогне, е обвинет за суровост кон животни соопшти денес Обвинителството во Софија. Цоневски дал исказ и платил кауција во висина од 5.000 лева по што е пуштен да се брани од слобода а во меѓувреме ја напушти и Бугарија и се врати во родното Делчево поради жестоките реакции во јавноста.

Според официјалните информации, Цоневски се товари по член 325 б од Кривичниот законик во Бугарија, за намерна суровост кон животно, за што е предвидена затворска казна од една до пет години и парична казна од 1.000 до 5.000 лева.

Додека трае истрагата, тој е суспендиран од работното место во Воено-медицинската академија (ВМА) во Софија .

Цоневски, викендов во софиската населба Расадник, со својот автомобил ја прегази 14-годишната маалска миленичка Маја. Инцидентот е снимен од поставените камери на видео надзорот и на нив јасно се гледа како Цоневски го гази кучето, излегува од колата, го погледнува и уште еднаш поминува преку неговото тело, а потоа си заминува без да му помогне.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, соседите ја однеле Маја на ветеринар каде што се констатирани скршеници на р’бетот и по консултација со тимот одлучија да ја еутаназираат. Снимката од инцидентот предизвика жестоки реакции во Софија и во Бугарија, a гаражата на Цоневски беше вандализирана, пo што тој одлучи да се врати во Македонија.