Новинарката Менче Точи и нејзиниот сопруг спасија три непрогледани кутриња фрлени во контејнер
Новинарката Менче Точи, покрај тоа што во јавноста е позната по нејзините текстови и прилози во кои буквално во текот на нејзината целата професионална кариера го „раскринкува“ здравствениот систем откривајќи ги неговите слабости и откривајќи ги сведоштвата на пациентите, таа својата љубов ја дели и со животните. Заедно со сопругот, имаат спасено куче кое било малтретирано и чувано врзано на краток ланец без храна и вода, во Катланово во близина на нивната викендичка. Успеале да ги убедат луѓето да им ја дадат и Меги е веќе четири години дел од нивното семејство, по направена операција поради два отвора на горното непце, а сега е на посебен третман на исхрана. Откако им починала мачката што ја чувале 11 години, се случило мачка да се породи во гаражата во викендицата, да остави две мачиња и потоа да исчезне без трага. И тие ги пораснале со цуцла и млеко и сега се дел од нивното семејство.
Неодамна, тие повторно имаа искуство кое е крајно непријатно и стресно за секој совесен граѓанин – пронајдоа пет штотуку родени кутриња, фрлени во контејнер, во близина на нивната викендица во Катланово.
Точи, благодарение на нејзиниот упорен карактер, не се откажа. Решија да ги спасат кутрињата кои молеа за помош.
„Тоа беше многу драматичен момент. Беше многу студена ноемвриска вечер, со сопругот се враќавме од викендица, кога тој излезе од возилото да го фрли сметот во контејнерот. Но, бргу се стрча назад и ми рече – дојди да ми осветлиш со телефонот, слушам плач. И тогаш почна борбата, забрзано, почна да го вади сметот, вреќа по вреќа и на дното видовме фрлени малечки кутриња. Плачеа едно или две со последни сили, другите мислевме дека се мртви. Беа вкочанети од студот. Едно најдовме до контејнерот – кога ги фрлале, им паднало на земја. Беа непрогледани, со папочни врвци. Ги зедовме сите и тие што мислев дека не се живи, ги ставив во една торба за пазарење што ми беше при рака и ги прегрнав. Веројатно од топлината од моето тело сите почнаа да мрдаат. Се возевме кон Скопје со една мисла – да ги спасиме малите душички што некој ги одвоил од мајката уште од првиот ден и ги фрлили за да умрат“, раскажува Точи.

Дента било недела, доцна навечер и тие прво се упатиле во аптека, купиле шишенце со цуцла, неколку шприца и млеко во прав од формулите за бебиња.
„Брзо сфативме дека цуцлата е голема за нив, а со шприц не можеа да примаат млеко. Тогаш заѕвонив, побарав помош и совет што да правам. Немав никакво искуство со толку мали кутриња. Уште веднаш ми беа испратени шишенца со специјални цуцли за кутриња и започнавме да им даваме од тоа млеко со жолчка внатре. Така беше краток период кога видовме дека не им е добро и почнавме да купуваме специјално млеко за кутриња. Тоа беше исклучитено тежок период, тие страдаа без мајка, се мачеа, без никаков имунитет“, сведочи новинарката, додавајќи дека навечер речиси и не спиеле, им давале млеко на секои два часа и ги грееле со шишиња со топла вода.

Во тој период, две од кутрињата не издржале, починале, што бил крајно трауматичен момент за нивното семејство. Три од нив, сите женски, ја преживеаја борбата. Сега, чувството е прекрасно, вели Точи.
„Тие кутриња ни донесоа многу радост дома. Благодарни се малите сирачиња, гледаат со љубов, нѐ гушкаат, шират љубов. Ние ги гледаме и негуваме со многу љубов. Неверојатна е таа взаемна, позитивна енергија. Засега јас сум алфа и омега за нив. Со очиња ме бараат кога ќе станат од спиење“, сведочи Точи за Петс.мк.

Да се видат тукушто родени кутриња, исфрлени во контејнер е чин на суровост што се граничи со монструозност. Ја прашавме, кога би знаеле кој го сторил овој чин, што би му рекле?
„Прво, што би му кажала е да знае колку се измачија двете кутриња што умреа. Малите кутриња умираа бавно, се мачеа по 2-3 дена, се превиткуваа во болки, ечеше во станот од тие мали душички. Ми умираа на гради. Сакам да им порачам да си ги стерилизираат кучињата, зошто нема цена било чиј живот. Душа има секое живо битие. Да фрлиш тукушто родени, живи кутриња во контејнер, да ѝ ги одземеш на мајката и да им го одземеш животот? Зошто не ѝ ги оставиле да ги дои и потоа да ги вдомат? Дали мирно спијат после тоа? Дали знаат дека и по еден месец уште ја бараат мајка им и се цицаат меѓу себе? Така заспиваат“, раскажува Точи.
Таа додава дека затоа децата се учат од мали нозе да ги сакаат животните. Доколку таа емпатија не се развие и во текот на животот, тие луѓе стануваат сурови.
Бела, Моли и Луна сега се пораснати во прекрасни пргави кученца веќе имаат два месеца, а по првата примена вакцина ќе бидат подготвени за вдомување.

„Со тешко срце ќе се разделиме од нив зашто многу ги засакавме, а и тие нас. Ги подаруваме само на сериозни вдомувачи кои со љубов ќе се грижат за нив. Можеби ќе биде тешко со вдомувањето, но јас верувам дека ќе си ја најдат среќата исто како што имаа среќа да ги пронајдеме ние и да останат во живот“, вели Точи.
Во продолжение можете да ги погледнете трите борбени кутриња кои крвнички се бореа да преживеат, а сите потенцијални вдомувачи можат да ја контактираат Точи на нејзиниот профил на Фејсбук.
