Не секој залак е љубов: Храна од нашата трпеза што може да го загрози животот на вашето куче
Седнувате да јадете и редовно се соочувате со две очи вперени кон вас, кои молат за храна, како да не јаделе со денови. Можеби ретко кој може да одолее да не му поддаде некој залак или да го подели оброкот со својот миленик, но секогаш треба да имаме на ум дека одредени намирници можат да бидат токсични, па дури и смртоносни за вашите миленици.
Ги споделуваме намирниците кои редовно се наоѓаат на нашите трпези, но во ниту еден случај не претставуваат храна за кучињата. Напротив, тие се отровни за нив.
Ако вашето куче изеде некој од производите на оваа листа, пожелно е да се јавите кај вашиот ветеринар или евентуално да го посетите, посебно доколку кучето развие симптоми.
Чоколадо, кафе и кофеин

Сите овие производи содржат супстанции наречени метилксантини (oсобено стимуланс наречен теобромин) што се наоѓаат во семките од какаото. Кога кучето ќе ги проголта, метилксантините може да резултираат со повраќање, дијареја, хиперактивност, срцеви промени, тремор, напади и смрт.
Овие токсини зависат од дозата, што значи дека малите кучиња или кучињата што консумирале голема количина се почувствителни. Ако зборуваме за токсичноста на чоколадото – колку е потемно чоколадото, толку е поопасно (чоколадото за готвење има највисока концентрација на метилксантини, а белото чоколадо најмалку).
Ако вашето куче изеде чоколадо, кафе или нешто што содржи кофеин, веднаш јавете се на ветеринар за чекорите што треба да ги преземете.
Ксилитол
Ксилитолот, кој е исклучително токсичен за кучињата, се користи како засладувач во многу производи, како што се бомбони, гуми за џвакање, па дури и пасти за заби.
Ксилитолот може да резултира со ослободување на инсулин, што може да предизвика откажување на црниот дроб. Ова ослободување на инсулин го намалува шеќерот во крвта, а засегнатите животни може да повраќаат, да имаат напади или да покажат знаци на летаргија и губење на координацијата.
Макадамија (австралиски орев)
Многу луѓе уживаат додавајќи макадамија ореви во своите рецепти; овие крцкави, малку масни ореви додаваат вкус и текстура. Сепак, кучињата никогаш не треба да ги јадат.
Не е познато која компонента на оревот е токсична, но се знае дека дури и мала количина макадамија може да резултира со слабост, повраќање, тремор и покачена телесна температура кај кучињата.
Грозје и суво грозје

Грозјето може да предизвика фатална бубрежна инсуфициенција кај кучињата. Точниот корен на токсинот не е пронајден, но голем број кучиња кои јаделе грозје подоцна се затруле. Затоа, најдобро е грозјето и сувото грозје целосно да се исфрлат од исхраната на вашето куче.
Лук и кромид
Соединенијата што содржат сулфур во овие растенија можат да влијаат на црвените крвни зрнца, што резултира со форма на анемија наречена анемија на Хајнцови тела. Ова може да резултира со слабост, недостиг од енергија, повраќање, дијареја, промени во респираторниот и срцевиот ритам, црвена урина, колапс и смрт.
Алкохол

Иако повеќето кучиња не се луди по вкусот на алкохолот, некои кучиња го пијат ако им се понуди. Но, ова дефинитивно е забрането.
Сите алкохолни пијалоци имаат потенцијал да предизвикаат повраќање, дијареја, тешкотии при дишење, губење на координацијата, тремор, кома, па дури и смрт кај кучињата. Чувајте го алкохолот и производите што содржат алкохол подалеку од дофат на вашиот миленик.
Тесто што содржи квасец
Додека повеќето печени лебови се добри за јадење за кучиња, тестото со квасец може да предизвика акумулација на големи количини гасови во цревниот тракт. Ова не е само болно за кучињата, туку може да доведе и до потенцијално фатална состојба како подуеност на желудникот и торзија.
Дополнително, квасецот во тестото за леб произведува етанол, што може да предизвика вашето куче да се опие, слично на знаците што може да ги видите при внесување алкохол. Дури и мали количини тесто што содржи квасец може да биде проблематично за кучињата.
Авокадо
Иако денес е основна состојка во исхраната, авокадото е штетно за кучињата бидејќи содржи персин, кој може да предизвика дијареја, повраќање и срцев застој. Ако вашето куче изело мало парче авокадо, веројатно ќе биде во ред, но сепак следете ја неговата состојба. Најопасниот дел од авокадото е семката затоа што носи опасност од задушување и е полна со персин.
Текстот е одобрен и рецензиран од страна на д-р Данче Грујевска, ветеринарна амбуланта „Сити Вет“