Skip to main content

Шепастите херои во Венецуела – во потрага по мирисот на животот

28.06.2026
Петс.мк
Шепастите херои во Венецуела – во потрага по мирисот на животот
Фото: Print screen

Илјадници спасувачи, во трка со времето, копаат со багери и со голи раце барајќи преживеани. Но, кога машините ќе замолчат, кога инженерите ќе кажат дека повеќе нема безбеден начин да се продолжи, тогаш на сцена стапува инструмент што човекот никогаш не успеал да го создаде. Најпрецизниот од сите. Носот на спасувачкото куче!

Фото: Print screen / AP

Тие не читаат карти. Не следат координати. Не гледаат во екрани. Не ги интересира колку ката има зградата. Го следат само мирисот на животот. Секое нивно лаење над урнатините е знак дека некаде под стотиците тони бетон сè уште чука срце на преживеан.

Во моментов, во Венецуела, сто и единаесет спасувачки кучиња се во трка со времето барајќи преживеани во Каракас и во Ла Гварира кои беа најпогодени од катастрофалниот земјотрес пребаруваат Венецуела. Тие се составниот дел од спасувачките тимови кои дојдоа од Мексико, Шпанија, Франција, Германија, Колумбија, Еквадор, Ел Салвадор и други земји. Со нив дојдоа инженери, пожарникари, лекари, дронови, акустични сензори и најсовремена опрема.

Фото: Print screen / AP

За разлика од камерите и електронските сензори, нивното најсилно оружје е мирисот. Способни се да почувствуваат човечки здив што се пробива низ тесни пукнатини и неколку метри урнат бетон, таму каде што човек не може ниту да види, ниту да стигне.

Тие не знаат колку луѓе загинале. Не знаат колкумина се водат како исчезнати. Не знаат ниту во која држава се. Знаат само едно. Дека под урнатините можеби сè уште чука нечие срце.

Но, тие не спасуваат сами. Кога кучето ќе застане или седне и ќе почне да лае почнува спасувачката операција, почнува битката за уште еден човечки живот. Инженерите ја проверуваат стабилноста на конструкцијата а пожарникарите отвораат тесен премин до преживеаниот.

Фото: Print screen

Изминаа повеќе од 72 часа од катастрофалниот земјотрес. Во спасувачките операции токму тоа е границата по која шансите за преживување драстично се намалуваат. Затоа, секој нов пронајден преживеан денес не е само успешна спасувачка акција туку е победа.

Спасувачките кучиња не знаат што е херојство. Не знаат што е слава. Не знаат дека светот ги следи нивните чекори. Тие само го прават она за што се обучени. Го бараат мирисот на животот.