Skip to main content

Кучињата од Лајка излегоа на „дејт“ со граѓаните и го стоплија срцето на Скопје!

07.02.2026
Мери Јордановска
Кучињата од Лајка излегоа на „дејт“ со граѓаните и го стоплија срцето на Скопје!

Среќни, растрчани во Градски парк, седнати по кафулиња, со размавтани опашки покрај кејот на Вардар, со поводници на кои пишува „Вдоми ме“…. Ваков беше денешниот ден за Тошо, Спот, Акира, Зоне, Кармен, Спајдермен, Алдо, кучиња кои долго време се во стационарот „Лајка“, а со последната кампања на јавното претпријатие, добија можност да одат на „дејт“ со луѓе што ќе изразат желба да им пружат љубов и грижа, барем на кратко. 

ЈП Лајка го објави стартот на кампањата по повод 14 февруари, Денот на љубовта – „Биди мој Валентајн на еден ден“. Подготвени за дружба беа четириесетина кучиња од стационарот кои долго време престојуваат таму и досега никој не се понудил да ги вдоми. Со кампањата, овие кучиња добија можност барем еден ден да бидат нечиј миленик, прошетани, сакани, разгалени и да уживаат надвор од ѕидовите на Лајка. За само два дена, речиси сите кучиња беа резервирани за „дејт“, што е доволен показател дека скопјани сепак имаат голема емпатија и љубов кон бездомната популација животни. 

Првите „дејтови“ почнаа денес, а луѓето што се понудија да земат куче на „дејт“ уште рано наутро беа во Лајка. Нестрпливо очекувајќи ги своите „четириножни партнери“ потпишаа формулар со насоки за тоа како треба да се однесуваат кон кучето, а потоа авантурата можеше да почне.

Ротфајлерката Карен денот го помина покрај кејот, а насмевката на нејзиниот лик покажува колку е среќна што има можност да ужива надвор.

Истата среќа ја делеше и Акира, која од радост се препелкаше по земја во Градски парк во Скопје.

Зоне и Спот беа на кафе и во парк, додека Алдо си најде друштво во парк за кучиња, со кои истрча вистински маратон. Спајдермен шеташе низ Скопје, седна на кафе, а потоа и го посети домот на девојката со која беше на „дејт“. 

Тошо

Image 5 of 5

Од ЈП Лајка сведочат дека дел од граѓаните плачеле кога ги враќале кучињата назад во стационарот, после толку убаво поминат ден. 

Кампањата на Лајка ќе трае до почетокот на идниот месец, а се размислува и да премине во традиција. Целта е што побрзо да им се најде дом на овие кучиња кои предолго живеат во стационарот, без љубов и грижа каква што навистина заслужуваат. 

Утре е нов ден – со букирани уште десетина „дејтови“ на кучиња со љубители на животни!