Монструм фрли куче од Железничката станица во Скопје
Уште едно улично куче настрада од рацете на бездушник во Скопје. Мирната Нори, за која нашите читатели тврдат дека беше исклучително мирно и весело куче, беше убиена од засега непознат сторител кој ја искористил нејзината питомост и доверба кон луѓето за да ја намами, а потоа ја фрлил од Железничката станица во Скопје.
Падот не беше фатален за Нори. Агонијата траеше уште неколку часови пред да почине на рацете на ветеринарниот тим во ЈП Лајка.
„Утрово добивме повик за крајно вознемирувачка случка која повторно не потсетува до каде може да оди човечката суровост.Нашиот тим веднаш интервенираше и го префрли кучето во амбуланта, каде што беа вложени максимални напори од страна на нашите доктори. За жал, и покрај сета борба, Нори – куче кое уште во 2023 година помина третман кај нас – денес го изгуби животот поради силно внатрешно крварење“, соопштија од Лајка на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Од Лајка е пријавен случајот во надлежните институции а активистите апелираат до МВР да ги искористи сите механизми на располагање и да го открие и казни монструмот!
Петс.мк ги повикува сите граѓани, доколку се сведоци на вакви монструозни чинови, веднаш да ги пријават во МВР, бидејќи само на тој начин злосторниците ќе бидат казнети и ќе се подигне свеста во нашето општество кое традиционално ги почитува животните и милениците.