Дете и домашен миленик: како животните ја развиваат емпатијата, одговорноста и емоционалната зрелост
Дали и кога да се внесе домашен миленик во животот на детето е прашање што често го поставуваат родителите. Кои се предностите и кои можат да бидат негативните ефекти или несаканите последици, анализира Петс.мк.

Грижа за себе и грижа за другите
Домашните миленици се совршена можност за децата од која било возраст да почнат да вежбаат и да се учат на грижа односно одговорност. Без разлика дали станува збор за двегодишно дете кое ја полни чинијата со храна на мачката со мала помош од возрасен, или адолесцент кој го води кучето на дневна прошетка. Децата учат што е грижа а родителите можат специфичните одговорности да ги приспособат на секоја возрасна група. Така тие развиваат емпатија односно грижа за туѓите потреби.
Штом прават нешто за домашниот миленик, децата учат не само за одговорноста туку и за причината и последиците. Го хранат за да биде здраво и да расте исто како што и родителите се грижат за него (детето).
Она што е клучно е родителите да го додадат елементот „зошто“ во разговорот и објаснувањето со децата.
Домашните миленици како пријатели на децата
Во текот на растењето и созревањето децата имаат периоди кога доживуваат зголемено чувство на осаменост, се обидуваат да се вклопат во средината и да развијат чувство на припадност. Токму тогаш миленичето може да биде совршен лојален придружник, за да ги научи да не судат и да даваат поддршка.

Приврзаноста и поврзаноста имаат огромно значење за детето. На пример, по емотивно напорен ден во училиште, детето се враќа дома каде што го чека неговото милениче кое не знае да суди, туку само да се радува и да пружа љубов и поддршка, без разлика дали е куче или мачка или друго животно.
Дали милениците се добри за деца?
Миленичето секогаш нуди можност за пријателство и дружење што навистина може да помогне да се пополни празнината за децата кои можеби се соочуваат со различни предизвици.
Студиите покажаа дека галењето на вашето куче, мачка или животно може да помогне во намалувањето на стресот и вознемиреноста и да го регулира срцевиот ритам.

На која возраст детето може да има миленик?
Миленичето може да помогне во поттикнувањето на емоционалниот развој преку негување на емпатијата и сочувството. Имањето домашно милениче во куќата може да ги научи децата од мали нозе како да го читаат говорот на телото и другите невербални знаци, да развијат сетила за читање на емоциите на другите и да научат како да реагираат.
Емоционален развој
Со учењето на препознавање на туѓи емоции и емоционални реакции на наши емоции, детето ги препознава и сопствените емоции. Во однос на комуникацијата миленичето помага во надминување на препреките кај децата кои имаат проблеми во социјалната комуникација, а од друга страна миленичето креира можност за учење на однесување од другите врсници.

Децата можат да научат како да препознаат кога домашно милениче сака да му се пристапи, најдобриот начин да комуницираат со тоа домашно милениче и како тој пристап може да се разликува од животно до животно. Развивањето на овие вештини во однос на домашните миленици може да им помогне и на децата во справувањето со човечките односи.
Секако, домашното милениче е тоа кое ги охрабрува децата да излезат надвор на прошетка, што влијае на емоционалната регулација и целокупното ментално здравје. Преку миленичето создаваме и здрави навики во однос на повеќе прошетки, физичка активност и секако намалување на врзаноста за дигиталните апарати.

Исто така, имајте предвид дека вашето дете може да има алергии за кои сè уште не сте свесни, па затоа можеби е добра идеја да го изложите на животни рано, без разлика дали преку чување домашни миленици, посета на домашни миленици кај пријатели и семејство, или други интеракции со животни во јавност.
Разбирање на загуба и на тагата
Детето уште од мала возраст може да се соочи со загуба, можеби ќе стане збор за баба или дедо, но најчесто е домашното милениче. Начинот на кој секое дете се справува со загубата е различен. Вие како родители треба да им објасните и да ги научите што е загуба и е тага, а тоа многу битно бидејќи повеќе од извесно е дека ќе се соочат со загубата и тагата повторно, подоцна во животот.

За двегодишно дете, на пример, ова значи да се држите до едноставни точки на разговор и да бидете подготвени да ги повторувате секогаш кога ќе прашаат. Децата може да ви поставуваат исти прашања секој ден за тоа каде отишло миленичето, а вие треба да им одговорите со едноставен одговор и да им дозволите да ги почувствуваат емоциите што ќе излезат на површина. Ова може да биде навистина тешко, но ќе го подготви детето за успех во справувањето со тагата во иднина.
За постаро дете бидете подготвени тие да разберат повеќе за ситуацијата. Тие може да имаат дополнителни прашања за тоа што се случило со нивното милениче. Затоа избегнувајте да измислувате приказна за кучето кое отишло на фарма или заспало.
Кога е вистинското време да додадете милениче во семејството?
Ова е лична одлука што варира од семејство до семејство. Некои семејства избираат да воведат домашно милениче во домот откако децата ќе пораснат и ќе можат да преземат поголема одговорност, додека други избираат да го додадат новиот член на семејството кога децата се помлади. Клучот е да се процени капацитетот за грижа за миленикот, во зависност од тоа во која фаза од животот се наоѓате, покрај трошоците за грижа за домашното милениче кое ќе го изберете.

Кога во домот, пред да се роди детето веќе има миленик, некои семејства бираат да додадат второ животно во семејството како што старее нивниот прв миленик, други пак бираат остават простор и време по смртта на домашното милениче пред да додадат друго животно.
За ова прашање нема точен одговор, а најдобрата одлука ќе зависи од уникатната ситуација во вашето семејство.
Безбедност: како децата треба да им пристапуваат на животните
Кога ги учите децата како да чуваат и да се грижат за животни, безбедноста секогаш е на прво место. Децата мора да научат како да им пристапуваат на животните со безбедно и со почит. Имањето домашен миленик куче секогаш е предност бидејќи детето под ваш надзор и упатства ќе вежба со него дома. Децата во тој случај учат лесно бидејќи се чувствуваат удобно со своите миленици.

Ваша обврска е да им објасните галење и прегратка со своето куче или маче не може да биде иста со секое друго. Мора да им објасните кои се ризиците и зошто, и секако која е стратегијата.
А таа е едноставна – секогаш со куче или мачка – всушност секое животно на четири нозе – прво да ја испружат раката за да можат да ја помирисаат, а потоа да го прашаат сопственикот на животното: „Може ли да го погалам?“
Оваа практика ги чува и децата и животните безбедни и бидејќи станува збор за начин кој се темели на меѓусебна почит.
Исклучително битно е по секоја интеракција со животни да се мијат рацете.
Каков вид домашно милениче најмногу му одговара на вашето семејство?
Одговорот на ова прашање зависи и од неколку фактори. Прво, проценете го времето што вашето семејство може да го посвети на ново домашно милениче. Дали ќе земете куче кое бара дневни прошетки, време за играње и оброци, или сте подготвени за златна рипка која има потреба само од хранење и повремени промени на водата во аквариумот.

Миленичето треба да се вклопи во начинот на живот на вашето семејство земајќи ги предвид темпераментот на различните раси, барањата за вежбање и просторот достапен во вашиот дом. Доколку сакате да посвоите тука се секогаш шелтерите кои имаат детални податоци и процена на миленикот и многу може да ви помогнат.
Текстот е одобрен и рецензиран од Проф. д-р Славица Арсова Хаџи Анѓелковска, директор на Универзитетска клиника за психијатрија