Skip to main content

Планирате да чувате мачка? Прво одговорете на овие 10 прашања

24.03.2026
Петс.мк
Планирате да чувате мачка? Прво одговорете на овие 10 прашања
Фото: Pexels.com

Одлуката да купите или вдомите мачка не е само емотивна одлука или момент, туку и сериозна обврска. Мачињата изгледаат слатко и неодоливо, но во многу случаи одлуката се носи импулсивно, па затоа важно е да се размисли долгорочно.

Мачката не е играчка. Мачката е живо суштество кое бара внимание, грижа и стабилна средина. Сопственикот мора да биде подготвен за секојдневни обврски и финансиски трошоци. Дополнително, животниот стил, просторот и времето што го имате играат клучна улога. Не секое домаќинство е автоматски подготвено за нов миленик, без разлика на желбата.

Затоа, ви ги подготвуваме следните 10 прашања кои ќе ви помогнат да донесете информирана и одговорна одлука.

Фото: Pixabay.com

1. Дали мачката е вистинското милениче за вас и за вашиот животен стил?

Размислете за причините зошто сакате милениче и зошто точно сакате мачка. Размислете за времето што ви е потребно за секојдневните обврски или работниот ангажман, трошоците, вашиот дом и начин на живот и дали тие се совпаѓаат со доаѓањето на новиот член на вашето семејство. 

Фото: Pexels.com

2. Дали сега е вистинското време да добиете мачка?

Искушението да купите или вдомите мачка често е тешко да се одолее, па затоа мора да се запрашате и да размислите дали е ова најдобар момент за новиот миленик мачка. Ако штотуку сте се преселиле во нова куќа, имате бебе, закажувате градежни работи или имате испланирано подолго патување, можеби вреди да почекате неколку месеци пред да ја земете мачка како нов член на семејството.

Фото: Pexels.com

3. Дали имате доволно време и дали целото семејство ќе биде посветено?

Грижата за нова мачка во почетокот бара време. Сметате ли дека вашиот животен стил има време и флексибилност може да го дозволи ова? Ако донесовте одлука да вклучите маче во вашето  семејство, дали сите ќе бидете посветени?

Испланирајте однапред кој ќе биде задолжен за хранење, чистење на песокот во тоалетот и игра.

4. Можете ли да си ги дозволите сите аспекти од грижата за мачката?

Грижата за мачката е обврска. Како сопственик, ќе треба да одвоите дел од буџетот за вашиот миленик и нов член на семејството бидејќи потребни се вакцини, третмани против болви и паразити, евентуална стерилизација/кастрација, ветеринарен третман, но и сѐ она што е потребно секојдневно, како храна и песок.

Фото: Unsplash.com

5. Што ако некој од семејството е алергичен на мачка?

Задолжително проверете дали некој член на семејството е алергичен на влакно од мачки пред да го донесете вашиот миленик во домот.

6. Дали маче е вистинскиот избор или пак возрасна мачка?

Мачињата се симпатични, но се хиперактивни и бараат многу време и посветеност за да се негуваат и да се внимава од повреди, односно да се затвораат прозорци и врата од тераса (доколку не е доволно оградена) и да се внимава доколку имате двор, да не излезе на улица. Исто така, има многу прекрасни возрасни мачки низ Македонија кои чекаат вистинскиот сопственик да им даде втора шанса во животот.

Фото: Pexels.com

7. Која раса мачка најмногу би ви одговарала?

Мачките без педигре се многу чест миленик во Македонија. Сепак, постојат и многу различни раси мачки, и препорачливо е темелно да ги истражите сите раси што ве интересираат за да видите дали можете да ги задоволите нивните уникатни потреби. Пожелно е да ги разгледате информациите на нашиот сајт или пак да разговарате со ветеринар. Расните мачки имаат поголема шанса да развијат одредени здравствени проблеми, што можат да влијаат на нивниот квалитет на живот.

Фото: Freepik.com

8. Дали вашите други миленици ќе се справат со нова мачка?

Ако имате други миленици, куче или мачка, треба да го познавате нивниот темперамент и да знаете дали ќе се согласуваат со новиот миленик или не. Понекогаш е потребно подолго време со нив за да го прифатат новиот член.

Сепак, ако се одлучите за мало маче, шансите дека нема да биде прифатено од вашите миленици се далеку помали бидејќи нема да го гледаат како опасност или ривал. Мачките можат да бидат многу дружељубиви, но сепак им треба свој простор. Доколку веќе чувате птица, треба особено да внимавате!

9. Колку сте приврзани за вашиот кауч во дневната соба?

Иако не значи дека сите мачки по правило ја гребат софата, теписите или мекиот мебел (гребењето односно острењето на ноктите е многу природно однесување за нив), голема е веројатноста дека вашиот кауч ќе биде примамлив за острење и за качување! Дури и со специјални подлоги за гребење, ризиците од гребнатини на мебелот се многу можни, додека вашата мачка го истражува својот нов свет и важно е да го прифатите ова кога го отворате вашиот дом за мачка.

Фото: Pexels.com

10. Дали вашите идни планови се совпаѓаат со нов миленик – мачка?

Важно е да размислите дали мачката ќе се вклопи во сите аспекти од вашиот живот. Дали патувате редовно? Ако е така, кој ќе се грижи за вашата мачка кога сте отсутни? Каде се надевате дека ќе бидете за 10 години? Дали сè уште ќе можете да ѝ понудите на мачката стабилен дом?

Тоа се само дел од прашањата на кои морате да дадете одговор пред да го преземете првиот чекор. А доколку веќе сте го презеле – ви посакуваме најубави моменти со вашете ново милениче! 

Сподели ја оваа приказна: