Skip to main content

Сѐ што треба да знаете кога првпат земате мачка

01.12.2025
Петс.мк
Сѐ што треба да знаете кога првпат земате мачка
Фото: Петс.мк

Мачките се прекрасни, независни и суштества полни со љубов, но иако можеби изгледаат лесни за одгледување, секое ново маче или возрасна мачка доаѓа со свои предизвици. Ако сте пред одлука да вдомите или да купите мачка, овие совети ќе ви помогнат да бидете подготвени од првиот ден.

Што треба да набавите пред мачката да дојде во новиот дом?

  • Тоалет за мачки – најдобро е да го поставите на мирно и постојано место.
  • Песок за мачки – почнете со неароматизиран, грутчест песок.
  • Чинии за храна и вода – одвојте ги едни од други.
  • Храна за мачиња или мачки – во зависност од возраста.
  • Гребалка – за да си ги острат канџите и да не ви ги оштетуваат мебелот.
  • Играчки – за стимулирање и релаксација.
  • Куќичка или креветче – безбеден простор каде ќе може да одмора.

Исхрана – што и кога?

  • За мачки до 1 година: хранете ги со квалитетна храна за мали мачиња, која содржи повеќе протеини и масти.
  • За возрасни мачки: преминете на храна наменета за возрасни мачки, соодветна на нивниот стил на живот (внатрешна/надворешна).
  • Избегнувајте храна за луѓе (особено кромид, чоколадо, млеко).
  • Чиста и свежа вода мора да е постојано достапна.

Како да ја научите да користи тоалетот за мачки?

  • Најчесто, мачките инстинктивно знаат како да го користат тоалетот.
  • Поставете го на тивко место каде што секогаш ќе има пристап и не го преместувајте постојано.
  • Ако има незгода, само префрлете малку од изметот или урината во песокот и покажете ѝ каде е.
  • Редовно чистете го тоалетот – мачките се многу чисти и нема да го користат ако е валкан.

Совети за однесување

  • Мачките сакаат рутина – обиди се да ја храните и играте во слично време секој ден.
  • Не ги казнувајте – ако прави нешто непожелно, обидете се да разберете зошто (стрес, досада, здравствен проблем).
  • Дајте ѝ простор – некои мачки се повлечени и ќе им треба време да се опуштат.

Стерилизација и кастрација – кога и зошто?

  • Најдобро е мачките да се стерилизираат/кастрираат пред да почнат да се парат.
  • Ова спречува несакани мачиња, но и намалува здравствени ризици (како инфекции, рак) и непосакувано однесување (мјаукање, означување територија, талкање по улици).
  • Стерилизираните мачки живеат подолго и се посмирени.

Посета на ветеринар

  • Договорете прв преглед кај ветеринар веднаш по вдомувањето.
  • Следете го распоредот за вакцинација и третмани против паразити.
  • Размислете за микрочип – особено ако мачката има пристап надвор.

Што (не) ви кажуваат кога ќе земете мачка?

Да се има мачка не значи само прегратки и игра. Еве што треба да знаете однапред, за да не бидете изненадени:

Митарење

Мачките, особено оние со подолга или погуста длака, се митарат речиси цела година, со интензивни периоди на пролет и на есен.

Очекувајте влакна на облека, мебел и постелнина – особено ако мачката спие со вас.

Редовно чешлање (2-3 пати неделно) значително го намалува митарењето, како и правосмукалка со добра четка за влакна и задолжително, ролер.

Означување територија

Некои мачки, особено мажјаци кои не се кастрирани, може да вршат нужда надвор од тоалетот за да обележат територија. Тие може и да избегаат и да ги нема со денови кога се парат и да се вратат со рани и лузни, па дури и со посериозни повреди. 

Кастрацијата го решава овој проблем.

Гребење мебел

Мачките мораат да си ги острат канџите – ако немаат гребалка, ќе си најдат импровизирана (кауч, фотелја, тепих…).

Решението е повеќе гребалки низ домот и малку трпение додека ја научите каде смее да гребе.

Досада = деструктивност

Мачките се интелигентни животни. Ако им е здодевно, може да прават белји – да фрлаат работи од полици, да ви крадат чорапи, па дури и да ве „малтретираат“ додека спиете.

Играчки и играње– сето тоа ја активира нивната енергија на позитивен начин.

Сподели ја оваа приказна: