Неухранет и неразвиен, кој го чувал волкот кој заврши во скопската ЗОО?
Неухранет, млад, недоволно развиен и врзан на ланец речиси цело време. Ова се резултатите од првичната анализа на експертите од скопската Зоолошка градина и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на волкот кој вчера беше заловен во скопската населба Козле. Полицијата се уште испитува кој нелегално го чувал волкот и како тој стигнал до улицата Јуриј Гагарин.

„ Животното не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби беше земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања. Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст. Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење“, соопштија од скопската Зоолошка градина.
Она што е јасно е дека волкот не може да биде вратен во природата бидејќи ги нема своите инстинкти а отворено е и прашањето дали тој може да се социјализира со другите единки за да биде задржан во скопската Зоолошка градина.

Од АХВ соопштија дека официјален ветеринар го прегледал животното и потврдил дека станува збор за волк а не за куче.
„ Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доцна попладнево спроведе вонреден надзор во скопската зоолошка градина каде вчера вечер беше згрижено диво животно заловено во скопската населба Козле. Врз основа на искуство во работата до диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар потврдено е дека станува збор за диво животно од видот волк“, соопштија од АХВ.
Кому му побегнал волкот пред да биде заловен во населбата Козле е прашањето на кое се чека одговор. Од МВР засега без официјална информација дали трагаат по неговиот сопственик и што е утврдено.

Информацијата дека станува збор за куче од расата чехословачки волчјак кој побегнал пред два месеци од месноста Марков Манастир се покажа како шпекулација. Сопстве бикот на тоа куче дошол во скопската Зоолошка и потврдил дека не станува збор за неговото куче.
„Во текот на денот ми се јави и човекот кој го донел кучето Сириус од Чешка и кога му покажав видеа, самиот се увери дека станува збор за волк за што и самиот искоментира на мојот претходен пост. Пред некое време дојде и сопственикот на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак и на лице место се увери дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк“, напиша Тина Мицковска портпарол на скопската Зоолошка градина на социјалната мрежа „Фејсбук“,
Законите во Македонија забрануваат чување диви животни како домашни. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови бидејќи станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување.