Skip to main content

АХВ утврди дека улични кучиња се дислоцираат од Гостивар, ама не знае каде завршиле?!

25.06.2026
Петс.мк
АХВ утврди дека улични кучиња се дислоцираат од Гостивар, ама не знае каде завршиле?!

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела посочи дека општина Гостивар врши дислокација на кучиња од една општина во друга, но нема никакви информации дали тие кучиња завршиле во Скопје или пак на други места. На нашето прашање каде и на кои локации се дислоцирани животните со транспортно возило, во колку наврати се дислоцирани и за колкава бројка на животни станува збор, од АХВ кратко одговорија дека „АХВ нема точен податок за тоа на кои локации се дислоцирани животните и во колку наврати претходно е сторено тоа“. Оттаму, нејасно е како е МВР и АХВ утврдиле дека станува збор за дислокација на кучиња, доколку не се знае каде завршиле истите, ниту дали биле воопшто дислоцирани.

Глутница кучиња во Кисела Вода

„Од разговор со претставник од Општина Гостивар само е потврдено дека се врши заловување и дислокација на бездомни кучиња, без да се потврди локацијата/локациите каде тие се носат. Општина Гостивар и нејзиниот градоначалник се парично казнети поради повторување на делото за кое во ноември 2025 година, од АХВ веќе било издадено решение за забрана за спроведување на активности за неовластено заловување и дислокација на бездомни кучиња, без одобрување на Агенцијата и од страна на неквалификувани лица“, одговорија од АХВ.

Оттаму, неизвесно останува кој дислоцира глутници кучиња на територијата на Град Скопје, како што веќе се изразија сомнежи, откако голем број граѓани реагираа дека голем број глутници, без ушна маркица се носат на територијата на градот, што предизвикува сериозно незадоволство кај граѓаните. Карпош и Кисела Вода се општините каде што најмногу можат да се забележат глутниците за кои веднаш може да се види дека не станува збор за урбани кучиња. Сепак, отсуството на информации на кои места се дислоцираат овие кучиња го прави проблемот уште посложен.

„Поради неовластено заловување и дислокација на бездомни кучиња, без одобрување на Агенцијата и од страна на неквалификувани лица, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), согласно од редбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, по спроведен вонреден инспекциски надзор, на Општина Гостивар и изрече парична казна од 2 100 евра во денарска противвредност (1500 за општината и 600 евра за градоначалникот). Донесено е и ново решение, по издаденото во ноември 2025 година, за забрана за спроведување на ваков тип неовластени активности, за кое во соработка со Министерството за внатрешни работи е утврдено дека возилото со кое се заловувале и дислоцирале бездомните кучиња, е истотото возило со кое и претходно се вршеле ваков тип недозволени активности, но, сега со променета регистарска табличка.Вонредната контрола е спроведена по дојава на граѓани и доставени фотографии и видео докази до АХВ за неовластено заловување и дислоцирање на бездомни кучиња од страна на Општина Гостивар. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведување на инспекциски надзори за почитување на одредбите од Законот за заштита и благосостојба, во врска со заловувањето и третаманот на бездомните животни“, стоеше во соопштението на АХВ од 15 јуни годинава.

Дали овие казни се доволни за да се спречи дислокацијата на кучиња од една општина во друга, со што се создаваат нови глутници кучиња, од АХВ тврдат дека дека „согласно важечките законски прописи од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните во моментов за сторениот прекршок, ова е највисоката казна“.

„АХВ работи на законски измени кои предвидуваат и зголемување на висината на казните и за ваков вид на прекршоци“, тврдат од Агенцијата.

Проблемот со енормната популација кучиња станува сѐ посериозен проблем на територијата на државата. Досега не е предложен ниту еден сериозен доказ дека некој врши дислокација на улични кучиња, па оттаму се охрабруваат граѓаните од Скопје доколку видат дека одредено комбе испушта кучиња кои немаат ушни маркици, веднаш да ја запишат регистрацијата и да пријават во МВР и во ЈП Лајка.

Според досегашните информации, глутниците кучиња е тешко да се заловат поради тоа што се кријат на непристапен терен. ЈП Лајка веќе набави нови алатки за заловување, како што се сајли и кафези за заловување, но отворено останува прашањето колку ова може да го спречи новиот прилив на кучиња на територијата на Град Скопје, кога градот веќе се соочува со сериозни проблеми со ставање под контрола на уличните кучиња.